Садови полни со смарагди и злато пронајдени во храм поврзуван со митскиот Ел Дорадо

Археолозите во Колумбија пронајдоа осум керамички садови, полни со метални фигурини и смарагди. Откриени се во древен храм и во гробовите во негова близина.

Се знае дека садовите ги изработиле припадниците на античката култура Муиска (исто така наречена Чибча) пред околу 600 години. Станува збор за народ чија цивилизација цветала во регионот во тоа време, а меѓудругото била позната и по своите вештини за изработка на метали. Се верува дека нивната работа веројатно ја инспирирала легендата за Ел Дорадо-легендарниот град од злато.

Помеѓу 1537 и 1540 година, Шпанците го освоиле регионот и многу од народите Муиска загинале во борбите или смртно се разболеле. Сепак и покрај уништувањата, дел од народот Муиска преживеал и илјадници нивни потомци живеат и денес.

Археолозите го открија храмот и гробовите меѓу остатоците од древниот град Муиска, кој се наоѓа во близина на Богота, денешниот главен град на Колумбија. Тим предводен од археологот Франциско Кореа, ги пронашол садовите за време на ископувањата спроведени пред почетокот на изградба на патишта во областа.

Некои од фигурините изгледаат како змии и други животни, додека други повеќе личат на луѓе со шамии и оружје. Храмот каде што биле пронајдени глинените садови би можело да е поврзан со култ кон обожавање на предците.

„Многу е тешко да се утврди, но мислам дека имало некој вид култ кон предците“, изјавил Кореа.

Легенда за изработка на метал

Муиска се сметале за експерти во обработка на металите. Кога Шпанците се сретнале со нив, биле особено изненадени од нивното злато. Бидејќи во близина нема рудници за злато, се верува дека овие древни народи тргувале со благородниот метал со други групи.

Што се однесува до тоа дали талентот за обрабтка на златото ја инспирирало легендата за Ел Дорадо, Кореа вели дека групата навистина имала традиција за време на одредени церемонии владетелот да се појави премачкан со маст што вклучува и златни честички. Оваа церемонија „беше една од мотивациите на овој мит“, вели Кореа. На свеченостите сведочеле и Шпанците и сѐ што виделе запишале во своите хроники. Веројатно тогаш се родила и приказната за Ел-Дорадо, златниот град, по кој сѐ уште трагаат авантуристите и ловците на богатство.

Поддржете ја нашата работа: