Фотографот Џејмс Бал, заедно со продукциското студио „INK“, направиле 10 прекрасни фотографии од првите компјутери изработени во светот.
Овие извонредни машини кои го сменија текот на технологијата денес се наоѓаат во музеи, а во своето формално барање до музеите, Бал нагласил дека ќе ги фотографира на начин каков што досега не биле видени.
Овие прекрасни 10 фотографии, заедно со мал увид во нивната историја може да ги погледнете подолу.
1. „Harwell Dekatron“
„Harwell Dekatron“, познат уште и како Вулверхемптонов инструмент за настава по комјутери од Харвел (Wolverhampton Instrument for Teaching Computing from Harwell (WITCH)), претставува еден од првите британски компјутери кој користи релеи, создаден на почетокот на 1950-тите години. Тежи повеќе од 2,7 тони, а денеска е изложен во Националниот музеј за компјутери на Велика Британија.
Според Гинисовата книга на рекорди, овој компјутер во 2013 г. по втор пат е прогласен за најстар дигитален компјутер кој функционира.
2. „Pilot ACE“
Овој компјутер е еден од првите направени во Велика Британија од Националната лабораторија за физика (НЛФ) во 1950-тите. Тој е еден од најстарите компјутери за складирање на податоци, заедно со уште два други британски дизајни – „Manchester Mark 1“ и „EDSAC“ од истиот период.
„Pilot ACE“е еден од првите компјутерски дизајни од Алан Тјуринг, иако тој ја напуштил НЛФ пред тој да биде завршен. Компјутерот се состои од 800 вакуумски цевки кои можат да изведуваат пресметки со подвижна запирка, неоходни за научните пресметки.
3. „IBM 1401“
„IBM 1401“ е произведен во 1959 година и претставува првиот член од многу успешната серија 1400 на IBM. Произведени се над 12.000 единици, кои во некои земји беа добро користени и во 1980 година.
4. „IBM 729“
„IBM 729“ со магнетни ленти е еден од симболите на IBM од крајот на 1950-тите до средината на 1960 –тите години.
Тој е дел од фамилијата „IBM 7“ кој користи магнетни ленти со должина од 731 метри.
5. „EAI Pace (TR 48)“
„EAI Pace (TR 48)“ е „десктоп компјутер“ кој бил произведен во 1960 година. Широк е 1,2 метри, со длабочина од 60 см, висина нешто над 60 см. и тежина помеѓу 145-192 кг. во зависност од конфигурацијата. „TR48“ бил најкомплетниот аналоген компјутер на своето време, дури и бил дел од Аполо програмата на Месечината.
6. „The Control Data 6600“
„CDC 6600“ генерално се смета за првиот успешен суперкомпјутер со перформанси и до три мегаФЛОП-и. Важел за најбрзиот комјутер во периодот од 1964 година до 1969 година. Развиен е и креиран од легендарниот компјутерски експерт Сејмур Креј.
7. „Endim 2000“
Аналогниот компјутер „Endim 2000“ заснован на цевки е дизајниран и произведен во бивша Источна Германија. Произведени се околу 20 вакви машини. Единствениот примерок сега се чува во „Technische Sammlungen“ во Дрезден.
8. „Meda 42TA“
„Meda 42TA“ бил еден од последните аналогни хибридни компјутери изработени во бивша Чехословачка. Датира од 1970-та година и бил во широка употреба во земјите позади „железната завеса“.
9. „HDR 75“
„HDR 75“ е мал аналоген хибриден компјутер кој бил развиен во Техничкиот Универзитет во Дрезден во некогашна Источна Германија (денеска познат како Центар за информатички услуги и компјутери со високи перформанси).
10. „ICL 7500“
Серијата „ICL 7500“ претставува голем број на терминали и работни станици кои биле развиени од сега веќе непостоечката компјутерска компанија „ICL“ од Велика Британија, во текот на 1970-тите години. Сличен на десктоп компјутерите, но поставен хоризонтално, заедно со кутии од дрвен фурнир со челична рамка за процесорот и периферните единици. „ICL 7500“ машините биле наменети за работа во канцелариите.
До 1980 г. високо специјализираните верзии на овие машини биле во можност да се користат и за најновите игри од тоа време како „Pacman“ и „Space Invaders“.