10. Ибн ал-Хајтам (965-1039)
Роден во Басра, ал-Хајтам бил истакнат научник на своето време. Направил голем придонес во физиката, математиката, астрономијата, инженерството, филозофијата и бил првиот научник кој своите заклучоци ги базирал врз научен метод. Негов најважен труд е „Книга за оптиката“, за која се смета дека е пресвртница во проучувањето на оптиката и визуелната перцепција. Тој прв ја опишал темната комора (camera obscura), ги поставил темелите за развој на микроскопот и телескопот и ги вовел оптичките принципи во ренесансната уметност.
9. Тим Бернерс-Ли (1955)
Сер Тим Бербес –Ли, англиски информатичар, е заслужен што ова сега може да го читате. Тој ја развил „World Wide Web“, како алатка за комуникација додека работел во Европската лабораторија за нуклеарна физика во Швајцарија – ЦЕРН. Зачудувачки, но тој одбил да го патентира својот пронајдок и го дал како подарок за светот. Оттогаш интернетот радикално го смени начинот на кој луѓето комуницираат и доаѓаат до информации, како и брзината на комуникацијата во глобалната мрежа.
8. Авицена (980-1037)
Авицена е еден од највлијателните исламски научници. Работел на многу научни дисциплини, меѓу кои медицината, математиката, логиката, геологијата. Напишал околу 450 текстови, а неговиот најпознат труд „Медицински канон“, се користел како стандарден учебник во универзитетите во Европа. Заслужен е и за воведувањето на карантинот како начин за спречување на ширење на болестите, како и за клиничките истражувања и систематските експериментирања.
7. Томас Миџли (1889-1944)
Томас Миџли многу придонел во модерниот свет. За жал неговиот придонес не бил позитивен. Прво тој открил дека со додавање на олово во бензинот се избегнува „тропањето“ на моторот. Но, ова придонело за огромни здравствени проблеми на глобално ниво. Истиот човек, подоцна ги развил и фреоните, денеска, едни од најголемите уништувачи на атмосферата и најголемите виновници за глобалното затоплување. Било забележано дека Миџли „имал поголемо влијание врз атмосферата од кој било друг жив организам“. Миџли се разболел од полио и откако направил систем во вид на макара за да му помогне да стане од кревет, ненамерно се заплеткал во жиците и самиот се удавил.
6. Фриц Хабер (1868-1934)
Фриц Хабер, германски хемичар, добитник на Нобеловата награда за хемија во 1918 година за синтезата на амонијакот, важна компонента во вештачкото ѓубриво во современото земјоделство. Во голема мера бил вклучен во развојот на хемиското оружје за Германија за време на Првата светска војна, како хлорот и други смртоносни гасови. Некои го нарекуваат и „татко на хемиското оружје“. Неговата работа помогнала да се развие цијанидот, гас што нацистите во Втората светска војна го користеле за едни од најголемите злосторства во историјата.
5. Лео Силард (1898-1964)
Веројатно еден од помалку познатите соработници на „Проектот Менхетен“, Лео Силард работел на идејата на нуклеарната верижна реакција. Тој бил и човекот кој го иницирал „Проектот Менхетен“, повикувајќи го претседателот Рузвелт да започне развој на вакво оружје, бидејќи верувал дека Германците работат на нешто слично. Иако ја презирал употребата на насилството, Силард придонел за почетокот на нуклеарната ера, со што светот драматично се промени.
4. Карл Ландштајнер (1868-1943)
Австрискиот лекар и биохемичар Карл Ландштајнер е заслужен за идентификацијата на крвните групи и Rh- факторот. Ги покажал катастрофалните ефекти при трансфузија со погрешна крвна група. Со ова е овозможена трансфузија на крвта без да се загрози животот на пациентот. Исто така, делумно е заслужен и за откривањето на полио вирусите, а има свој придонес и во имунологијата, хистологијата и анатомијата.
3. Ален Тјуринг (1912-1954)
Алан Тјуринг е англиски математичар, логичар и информатичар. Тјуринг често се нарекува татко на модерната компјутерска наука. Дал голем придонес во развојот на информатиката, формализирајќи ги концептите за алгоритам и пресметки со т.н. Тјурингова машина, која одиграла значајна улога во развојот на современиот компјутер. За време на Втората светска војна, Тјуринг работел во „Блечли парк“ британскиот центар за кодови и шифри. Некое време работел во „Колиба-8“ – сектор кој бил задолжен за германските криптоаналитичари. Осмислил голем број техники за разбивање на германските шифри, меѓу кои методата „the bombe“, електромеханичка машина која би можела да најде решение за поставките на германската машина за шифрирање „Енигма“.
2. Џон Бардин (1908-1991)
Американскиот физичар и електроинженер, Џон Бардин е еден од ретките кој два пати бил добитник на Нобеловата награда. Во 1956 г, со двајца колеги, за развој на електричниот транзистор, со што е олеснет развојот на практично сите електрични уреди што се користат во современиот свет. Неговите откритија за суперспроводливоста, во 1972 година ја овозможија употребата на компјутеризираната томографија и магнетната резонанца во медицината. И покрај овие револуционерни откритија, Бардин е практично непознат, надвор од научната заедница.
1. Џозеф Листер (1827-1912)
Џозеф Листер бил британски хирург и се смета за основоположник на антисептичката хирургија. После откритието на Луј Пастер дека микроорганизмите ги предизвикуват инфекциите, Листер го поврзал нивното ширење во раните и високата смртност после ампутација на екстремитетите. Веднаш почнал да ги третира раните на своите пациенти со карболна киселина и вовел обавезно миење на рацете на своите хирурзи и инструментите со раствор од карболна киселина, пред и после хирушките интервенции. Благодарение на Листер, ова е увод во современата антисепса, едно од најголемите откритија во историјата на медицината.