12 работи за кои Сигмунд Фројд бил во право

И додека некои од неговите теории се дискредитирани, многу од идеите се релевантни и денес. Тие се патоказ за нашите умови и се’ уште се корисни и прифатени – на еден или друг начин, од сите едуцирани луѓе кои се соочени со прашањата за самоспознание и хумани мотиви.

Фројд раскажувал приказни кои не сакаме да ги чуеме: Ние не се познаваме себеси. Ние навистина не знаеме што не мотивира или зошто го правиме она што го правиме. Нашите свесни мисли се само врвот на нашиот ментален леден брег.

Во чест на месецот (мај) за подигање на свеста за менталното здравје, Американската психоаналитичката асоцијација состави листа на 12 подароци кои Фројд ни ги оставил.

1) Несвесното. Ништо не доаѓа „од ведро небо”: Фројд откри дека не постојат несреќи и нема случајности. Дури и навидум случајните чувства, идеи, импулси, желби, настани и активности носат со себе важни, често несвесни значења. Секој  од нас имал моменти кога кажал или направил нешто несвесно (Фројдовата стапица). Секој пат кога случајно ги оставате клучевите во станот на вашиот љубовник, веројатно, барем несвесно, сакате повторно да се вратите таму. Соништата, „Фројдовата стапица“, асоцијациите- сите тие се несвесни средства за отклучување на често скриени или одбиени фантазии, трауми или мотиви и се’ уште имаат суштинско значење за добивање на целата вистина за човековото однесување.

2) Сексуалноста е човековата Слабост и Сила. Сексот е одличен мотиватор и заеднички именител за сите нас. Тоа не е порака која сакаме да ја чуеме. Толку висока е нашата одвратност за овие основни дарвинистичка принципи. Триумфиравме над сите други живи суштества –  трудејќи се поголем дел од времето да ја негираме темната страна на нашите животи. Дури и повеќето претпазливи пуритански поединци во голема мера се борат против нивните сексуални апетити и изразување. Сетете се само на скандалите што го потресоа Ватикан, фундаменталистичките цркви, политичарите и познатите личности. Фројд ја забележал оваа похотлива борба кај мажите и жените на почетокот на Викторијанска Виена, па најверојатно заклучокот бил очигледен.

3) Цигарата никогаш не е само цигара (освен кога е). Општо прифатена идеја во современата психологија е дека секоја активност е детерминирана од повеќе фактори и е својствена само за поединецот. Значи, ништо не е едноставно. Можеби е цуцла? Во ред. Пенис? Можеби. Цигара? Сигурно. Сепак, малкумина би рекле дека сите значења имаат длабоки импликации. Нема контроверзии тука. Слободно запалете цигара.

4) Секој дел од телото е Еротски. Фројд знаел дека човечките суштества се сексуални суштества од самиот почеток. Тој бил инспириран од доењето на бебето на градите на мајката за да го илустрира примерот на подоцнежната сексуалност, велејќи: „нахранетото бебе со црвени образи и блажена насмевка е рефлексија, слика која опстојува како прототип на изразување на сексуалната сатисфакција подоцна во животот”. Тој тврдел дека сексуалната возбуда не е ограничена на гениталиите и дека задоволство се постигнува преку еротски приврзаност кон други особни делови од телото, а повеќето дефинитивно не се ограничени на гениталниот сексуален однос меѓу маж и жена. Дури и денес многу луѓе имаат големи тешкотии да ја прифатат оваа идеја.

5) Мислата е заобиколен пат на желбата. Фројд открил дека самиот чин на размислување (мечтаење и фантазирање ) сам по себе е пријатен. Всушност, она што терапевтите и психоаналитичарите најчесто го гледаат е дека фантазијата ментално и физички стимулира и исполнува повеќе од реалните, живописни ситуации. Дали реалноста не и е дорасната на фантазијата? Опсервацијата на Фројд дека луѓето се обидуваат да ја фантазицираат реалноста, денес е целосно прифатена од невролозите како основа за имагинација.

6) Лекување со Разговор : „Ако некој зборува, му олеснува”

Без оглед дали терапијата на поединецот е базирана на Фројдовата психоанализа или некоја друга форма на терапија со разговор, доказите се јасни – зборувањето помага во ублажувањето на емоционалните симптоми, ја намалува анксиозноста и го ослободува умот. Додека лековите и кратката терапија често може да бидат ефикасни во олеснувањето на симптомите, зборувањетто често се користи како моќна алатка на терапевтски однос. Лицето е целосно вклучено во третманот, а не само како збир на симптоми или дијагноза, па затоа промената е подлабока и потрајна.

7) Одбранбени Механизми. Терминот „одбранбен механизам” е толку присутен во нашите основни познавања на човековото однесување, па некако го земаме здраво за готово. Сепак, ова е уште една конструктивна теорија на семејството Фројд (Сигмунд и неговата ќерка, Ана). Според Фројд, одбранбените механизми се психолошки стратегии активирани од страна на несвесниот ум за манипулирање, негирање или нарушување на реалноста, со цел заштита од чувството на вознемиреност и/или неприфатливи импулси.

Меѓу многуте видови на одбранбени механизми сковани од страна на Фројд- репресија, рационализација, проекција, негирањето можеби е најдобро познато. Негирањето е целосно одбивање да се препознае или да се признае дека се случило/случува нешто. Негирањето може да биде лично, на пример негирање на болно животно искуство, но исто така може да биде во форма на негирање на научни, социјални и културни феномени – на пример, реалноста на климатските промени или холокаустот.

8) Отпор кон промени. Нашите умови и модели на однесување инхерентно се спротивставуваат на промена. Таа е нова, заканувачка и непожелна – дури и кога е промена кон подобро. Психоанализата го усоврши сеприсутниот принцип на отпор и пронајде алатки за да го донесе на свесно ниво и да ги порази  пречките за движење напред кај поединци и групи.

9) Минатото влијае на сегашноста. Ова може да изгледа како прилично очекувано за повеќето од нас во 2015 година, но пред повеќе од 100 години, ова било „аха” момент за Фројд. Денес, многу од теориите на Фројд за детски развој и ефектите од раното животно искуство за подоцнежното однесување во голема мера придонесоа за помош и лекување на пациентите чии животи се заглавени во повторливи обрасци.

10) Пренос. Еден пример од минатото влијае на сегашноста. Концептот на пренос е широко прифатен и се практикува до денес. Преносот се однесува на многу силни чувства, надежи, стравови и фантазии кои ги имаме во однос на важните односи од нашето детство, кои несвесно влијаат на останатите, подоцнежни односи и врски.

11) Развој. Управувањето со човековиот развој продолжува во текот на животниот циклус, успешноста зависи од адаптибилноста на промени и справување со конфликти. Секоја нова фаза од животот претставува предизвик и дава можност да се ревидираат нашите основни лични цели и вредности.

12) Цената на цивилизацијата е Невротично Незадоволство. Фројд изјавил дека „наклонетоста кон агресија претставува најголема пречка за цивилизацијата”. Луѓето не се нежни суштества кои сакаат да бидат сакани, туку се/имаат агресивни намери. Изјавата е од 1929 година и е релеванта до ден денешен. Сепак ако не можеме да го промениме тоа, што ќе се случи со нашата цивилизација?

Поддржете ја нашата работа: