14.000 години стара стоматологија

Според истражувачите, предводени од палео-антропологот Стефано Бенази од Универзитетот во Болоња, ова претставува првиот археолошки пример за мануелна интервенција кај некоја патолошка состојба.

Пациентот бил млад човек, на околу 25-годишна возраст, и живеел на северот од Италија. Неговиот добро сочуван скелет е пронајден во 1998 година на Доломитите во областа Белуно, во засолниште за погреби наречено Рипари Вилабруна.

Откритието, веднаш е проценето дека е старо помеѓу 13.820 и 14.160 години и се чува во Универзитетот Ферара, за понатамошни проучувања.

„Овој третман поминал незабележан сите овие години. Кавитетот е едноставно опишан како кариозна лезија“, вели Бенази.

Во описот на нивните наоди, што беа објавени во списанието „Scientific Reports“, Бенази и неговите колеги истакнаа дека вакви третмани на забите веќе постоеле во периодот на доцниот горен палеолит.

Во тоа време, чепкалките за заби, веројатно изработени од коски и дрво, се користеле за отстранување на остатоците од храна помеѓу забите. Сепак, досега не биле откриени докази што ги поврзуваат палеолитските алатки со кариозните заби.

Забните пломби од пчелин восок биле откриени на човечки заб стар 6.500 години од Словенија, додека дупчењата на забите, веројатно за да се отстрани кариозното ткиво, се откриени на заби – катници, стари 9.000 години во неолитска гробница во Пакистан.

Барези и неговите колеги извршиле анализа на долниот трет десен молар на примерокот од Вилабруна и забележале дека на површината на забот имало голем кавитет со четири шуплини. Со помош на електронски микроскоп, истражувачите забележале необична избразденост во внатрешната површина на големиот кавитет. Тоа било последица на различни движења и постапки, поврзани со стругање на забот во различни правци.

Во суштина, инфицираното ткиво било извадено од забот со внимателна употреба на мали остри камени алатки. „Ова покажува дека луѓето од доцниот горен палеолит, биле свесни за штетните ефекти од кариесот и дека е потребен инвазивен третман за да се очисти кавитетот“, вели Бенази.

 


Истражувачите забележале дека глеѓта била заоблена и абрадирана заради истрошеност, што укажува дека третманот бил направен долго пред лицето да почине.

Според ко-авторот Марко Пересани од Универзитетот Ферара, ова претствува клучен момент во развојот на стоматолошката практика.

„Ова покажува дека луѓето со комбинација на умешност и креативни вештини успеале да создадат алатки за раната дентална медицина, долго пред неолитот“- вели Пересани.  

Поддржете ја нашата работа: