Компанијата СпејсИкс ја лансира ракетата Фалкон 9 на Меѓународната вселенска станица (ISS). Иако нема човечка екипа, во ракетата има важни патници – 20 глувци.
Овие 20 глувци се испратени како дел од студијата на Центарот за спиење и циркацијална биологија при универзитетот Нортвестерн (CSCB). Планот е следен: десет глувци ќе поминат 90 дена во орбитата, а другите 10 ќе се вратат на Земјата за 30 дена.
Научниците сакаат да дознаат како вселената влијае на циркадните ритми на тие животни (биолошки процеси кои се јавуваат во циклуси од 24 часа), бактериите и други микроорганизми кои живеат во и на телото и други физиолошки процеси.
Оваа студија се темели на друга студија кои истите научници веќе ја имаат спроведено – студијата за близнаците на НАСА. Тогаш астронаутот Скот Кели помина 1 година на Меѓународната вселенска станица, а неговиот брат близнак Марк, кој исто така е астронаут остана на Земјата со цел да послужи како контролна група. Прелиминарните резултати од таа студија покажаа дека времето кое Скот го помина во вселената влијаеше на експресии на вкупно 7% од неговите гени.
Споменатите 20 глувци исто така имаат свои идентични браќа на истражувачкиот објект на НАСА. Таму ќе го поминат своето време под исти услови.
Иако луѓето и глувците се биолошки различни, се верува дека ова ќе овозможи попрецизен приказ на влијанието на Вселената врз еден организам. Вреди да се напомене дека додека Скот бил на ISS, неговиот брат живеел како сакал на Земјата, а се што правел би можело да влијае на резултатите на студијата.
И претходно се познати разните здравствени ризици поврзани со живеењето во Вселената, како губење на видот и т.н, но всушност не знаеме точно што подолгиот престој во Вселената може да предизвика на човечкото тело.
Со оглед на тоа што луѓето се повеќе се заинтересирани за посета на Марс и престој во Вселената – ни требаат детали за нејзиното влијание врз телото на човекот што е можно поскоро.