270 000 тони пластика во океаните

Микроскопски пластичен отпад, во различни концентрации се наоѓа во сите океани. Но поради недостаток на доволен број податоци на глобално ниво, досега не можеше да се изврши вистинска проценка за количината и тежината на микро и макро пластичниот отпад што „плива“ низ океаните.

Свој придонес за одредувањето на вкупниот број и тежина на пластиката во океаните дадоа научници од шест земји, преку податоците собрани во текот на шест години (од 2007 до 2013 г.) од 24 експедиции кои ги опфатиле сите пет субтропски региони, брегот на Австралија, Бенгалскиот залив и Средоземното море. Податоците содржат информации за микропластиката собрана со мрежи и од визуелната проценка на големиот пластичен отпад, врз основа на кои е направен модел за одредување на распространетоста на пластиката во океаните.

Врз основа на овие податоци и модели, проценката на авторите на студијата е дека најмалку 5,25 трилиони парчиња пластика, со вкупна тежина од приближно 269 000 тони се наоѓаат во океаните низ целиот свет. Големите парчиња пластика се наоѓале во крајбрежјето, а потоа се разградиле на помали делови во субтропските региони. Она што авторите не го очекувале е тоа што најмалите микро-делови од пластика биле присутни и во најоддалечените субполарните региони.

Ваквата распространетост на микропластика во најоддалечените региони укажува на тоа дека водените струи дејствуваат како „режачи“ на големите парчиња пластика кои подоцна како микропластика се расфрлаат низ океаните.

„Нашите наоди покажуваат дека парчињата од пластично ѓубре не завршуваат само во водите на субтропските мориња. Тие се дел од севкупниот окенски екосистем“, истакнува Маркус Ериксен.

Поддржете ја нашата работа: