3Д Холограми во боја и без 3Д наочари

Сега, благодарение на интернационален тим од истражувачи, создавањето на вистинските 3Д слики е се поблиску до реализација.

Истражувачите од Универзитетот за технологија Свинбурн во Мелбурн, заедно со д-р Чин Ли од центарот за микро и нано технологија во Квинсленд, користејќи ги можностите на графенот и комплексна ласерска обработка, покажаа техника која создава 3Д лебдечки слики, кои како навидум да излегуваат од екранот.

„Иако се’ уште треба да се доработи, овој систем може да обезбеди појава на 3Д слики кои „излегуваат“ од екранот, со што реалниот и виртуелниот свет се претопуваат, без да има потреба од 3Д наочари“ – вели д-р Ли.

Графенот, кој претставува чист јаглерод, е еден од најтенките, најлесните и најцврстите материјали воопшто. Тој е извонреден проводник на електрична енергија и топлина, а за неговите механички, електронски, термички и оптички својства, досега е многу пишувано.

„Графенот нуди извонредни можности за развој на рамни дисплеј системи, засновани на имитацијата на интензитетот на екраните. Моделите на фото-редуциран графен оксид кои се директно впишани со ласерски зрак може да создадат широки 3Д слики во боја“, објаснува д-р Ли.

 

Оваа техника може да ги револуционира способностите на различни оптички и електронски уреди и индустриски сектори. Употребата на графенот, исто така ја заменува досегашната употреба на индиум – металот кој најчесто се користи за електронските уреди, а чии резерви се намалуваат.

Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.

Поддржете ја нашата работа: