Преку мета-анализа – една од најмоќните методи за одредување на тежината на научните докази, се оценува дека сегашните докази главно се во корист на пиењето кафе. Пиењето кафе се поврзува со намалување на ризикот од прерана смрт, дијабетес тип 2 и некои типови на рак.
Сепак, некои луѓе треба да внимаваат на количината на испиено кафе. Големите количини на испиено кафе се поврзуваат со ракот на бели дробови и можат да ги влошат проблемите со срцето.
Еве 4 причини за да се напиете уште едно кафе:
1.Подолг живот
Луѓето што пијат кафе живеат подолго. Прегледот од 20 истражувања, во кои биле вклучени повеќе од 970 000 луѓе, покажува дека луѓето кои обично пијат повеќе кафе, имаат за 14% помал релативен ризик од прерана смрт, од која било причина, во споредба со луѓето што пијат помалку кафе. Дури и пиењето на една до две шолји кафе на ден, го намалува ризикот од прерана смрт за 8%. И луѓето кои пиеле две до четири шолји кафе без кофеин дневно, имале за 14% помал релативен ризик од прерана смрт од тие што воопшто не пиеле кафе.
2.Рак на црниот дроб
Луѓето што пијат кафе, а особено мажите, имаат помал ризик од развој на рак на црниот дроб. Ова е особено важно ако се има предвид дека ракот на црниот дроб е шеста најзастапена форма на рак во светот и почеста е кај мажите.
Резултатите од шест истражувања, базирани на вкупниот број на испиени шолји кафе дневно, покажуваат дека релативниот ризик од развој на рак на црниот дроб се намалува за 14%, со секоја додатна шолја кафе.
Истражувањата покажуваат дека, природните состојки што се наоѓаат во кафето, како кахвеол и кафестол, претставуваат директна заштита од појавата на рак и имаат антивоспалителни својства. Се чини дека кафето има способност да ги појачува биохемиските процеси во црниот дроб кои го штитат телото од токсини, меѓу кои афлатоксинот и други канцерогени состојки.
3.Дијабетес тип 2
Луѓето што пијат кафе го намалуваат ризикот од дијабетес тип 2. Низ 28 истражувања, во кои биле опфатени над еден милион луѓе, се покажало дека оние кои пијат три или повеќе шолји кафе дневно, имале за 21% помал релативен ризик од појава на дијабетес тип 2, во споредба со тие кои воопшто не пиеле или ретко пиеле кафе. Кај оние кои пиеле шест или повеќе шолји дневно, ралативниот ризик бил намален за 33%.
Интересно е дека ризикот бил намален и кај оние кои пиеле обично кафе и кај оние кои пиеле кафе без кофеин. Со секоја дополнителна шолја обично кафе (со кофеин), релативниот ризик за развој на дијабетес се намалува за 9%, а кај кафето без кофеин за 6%.
Активните компоненти од кафето помагаат во намалувањето на оксидативниот стрес – нерамнотежата помеѓу слободните радикали и антиоксидантите. Кафето содржи хлорогена киселина, која го подобрува метаболизмот на глукозата и осетливоста на инсулин и кофеинска киселина која го зголемува искористувањето на глукозата од крвта од страна на мускулите, а исто така го стимулира имунитетот и има антивоспалителни својства.
4.Рак на простата
Луѓето што пијат кафе, помалку заболуваат од рак на простата. Анализата на 13 истражувања, во кои биле вклучени над 530 000 мажи, покажала дека тие што пиеле повеќе кафе имале за 10% помал релативен ризик од развој на рак на простата, во споредба со тие што пиеле помалку кафе.
А сега и неколку причини зошто треба да се внимава на количината испиено кафе:
1.Рак на белите дробови
Намалете ја количината на кафето, за да го намалите ризикот од рак на бели дробови. Истражувањата, со кои биле опфатени над 100 000 возрасни лица, покажале дека тие што најмногу пиеле кафе имале за 27% повисок релативен ризик од развој на рак на белите дробови. Секои дополнителни две шолји кафе дневно, се поврзуваат со 11% поголем ризик за развој на рак на белите дробови.
2.Бременост
Пиењето на една до две шолји кафе дневно за време на бременоста можеби и не е толку ризично, како што се мислеше порано, но сепак треба да се внимава.
Врската помеѓу кафето и ризикот од спонтен абортус и други несакани исходи, што беше покажана во постари истражувања, веројатно се должи на лошо спроведените истражувања, особено кога се работи за мала родилна тежина на бебињата и вродените аномалии. Исто така, се чини дека пушењето цигари, што често оди со пиењето кафе, во постарите истражувања не е адекватно проценето, така што некои од ризиците се веројатно заради пушењето.
Американскиот Колеџ за гинекологија и акушерство препорачува бремените жени да пијат помалку од 200 мг.кофеин дневно (една шолја инстант кафе содржи 50-100 мг.кофеин, а вареното кафе 100 -150 мг.)
3.Крвен притисок
Големото количество на кофеин го зголемува крвниот притисок за кратко време, како и хомоцистеинот – уште еден ризик-фактор за срцеви заболувања.
Луѓето кои имаат висок крвен притисок или срцеви заболувања, постарите лица, адолесцентите, децата и оние кои обично не пијат кафе се поосетливи на кофеинот од енергетските пијалоци, кола-пијалоците и кафето и ќе им треба подолго време да го метаболизираат.
Важно е да се напомене дека повеќето истражувања поврзани со кафето се истражувања кои ја мерат поврзаноста, а не причинско-последичната врска – делумно и заради тоа што е тешко да направи контролирано истражување во врска со зголемено конзумирање на кафе и да се измери влијанието врз здравјето, на долг временски период.