47 најсиромаши земји имаат за цел да постигнат 100% обновлива енергија

Додека водечките светски супер сили се борат како да ја направат транзицијата на енергетските системи од фосилни горива на поодржлива опција, 47 од најсиромашните земји во светот се обврзаа дека целосно ќе ги прескокнат фосилните горива и директно ќе преминат на употреба на 100% обновлива енергија.

Овој амбициозен план беше поставен од членките на „Climate Vulnerable Forum“ (CVF), на последниот ден на Конференцијата за климатските промени на ОН во Мароко, минатата недела, каде се дискутираше за начините на кои земјите можат да ја постигнат целта што беше зацртана со договорот од Париз, минатата година.

Накратко, идејата се состои во тоа некои од најсиромашите земји директно да преминат од прединдустриските практики на обновливи извори, што во основа ќе им овозможи да го избегнат „проблематичниот дел“, кога е потребно повеќе енергија за да се одржи индустрискиот раст што ја поттикнува потрошувачката на фосилните горива до опасно високо ниво.

Во економијата, вакви „скокови“ се случуват кога едно општество ќе прескокне еден чекор од развојот што другите земји веќе го поминале.

Еден од најдобрите примери за ова е мобилната телефонија во рурална Африка.

Во многу африкански земји луѓето во најоддалечените области, каде имаше една фиксна телефонска линија на 33 лица, директно преминаа на мобилна телефонија. Сега еден од 10 луѓе има мобилен телефон – премин што многу луѓе го нарекуваат револуција.

47-те членки на „CVF“ –која ги опфаќа земјите како Бангладеш, Етиопија и Хаити, велат дека „ќе се борат да достигнат 100% домашно производство на обновлива енергија што е можно побрзо, да стават крај на енергетската сиромаштија и да ја заштитат безбедноста на храната и водата, во согласност со националните околности“.

Целта е да се постигнат сите системи некаде помеѓу 2030 и 2050 година, а членките се обврзуваат да претстават детален план пред ОН до 2020 година.

Ова соопштение доаѓа во време кога земјите ширум светот се обидуваат да изнајдат  начин да го спроведат договорот од Париз, кој беше постигнат на крајот на минатата година, кој има за цел да го ограничи просечното глобално затоплување на 1,5 степени. (повеќе на енаука.мк)

renewable_energy_sources

Иако големите економски многу помоќни земји ги поздравуваат ваквите напори, членките на „CVF“ го поставуваат прашањето зошто некои од најмоќните земји во светот немаат желба да направат промени во правец на заштита на нашата заедничка планета.

„Сите страни би требало да започнат со процес на транзиција, во спротивно сите ќе страдаме“ – вели министерот за животна средина на Костарика, Едгар Гутиерез, за „BBC“.

Уште едно од стравувањата е дека најбогатите земји во светот ќе престанат да обезбедуваат финансиска поддршка за Договорот од Париз.

САД се обврзани да вложат 3 милијарди долари во заедничкиот фонд од 100 милијарди долари, што според договорот треба да се обезбедат до 2020 година, но досега се внесени само 500 милиони долари.

Од овие средства би требало да им се обезбеди капитал на оние земји на кои им е потребен за старт на промените што треба да ги направат во нивната инфраструктура. Но, ако најбогатите земји одбијат да платат, тоа би можело сериозно да ги разниша или да ги уништи целите поставени во Париз.

Времето ќе покаже како ќе се одвиваат состојбите, но ова дефинитивно е голем чекор напред за овие 47 земји, со надеж дека ќе ги поттикне и другите земји да преземат слични акции.

Поддржете ја нашата работа: