50% повеќе молњи со промена на климата

Научниците од Универзитетот во Калифорнија, Беркли ги разгледувале предвидувањата за врнежите и движењето на облаците кај 11 различни климатски модели и заклучиле дека нивниот заеднички ефект ќе создаде 50 проценти повеќе електрични празнења на земјата до крајот на овој век, поради глобалното затоплување. Главната причина е водената пареа, која што предизвикува силно струење на воздухот во атмосферата. Колку повеќе пареа, толку повеќе молњи.

Топлиот воздух содржи повеќе пареа отколку ладниот, односно со зголемувањето на температурата се зголемува и водената пареа во воздухот. Бидејќи пареата претставува еден вид на „гориво“ за бурите проследени со грмежи, молњите може да зависат од температурата.

Научниците сметале дека количеството на врнежи и конвективната потенцијална енергија (струењето на воздухот во атмосферата) можат да ги предвидат молњите. Така, тие ги споредиле на податоците за количеството на врнежи, конвективната енергија и молњите на територијата на САД и заклучиле дека со познавањето на овие два параметри, можат да се предвидат молњите дури до 77 проценти.

Со зголемувањето на молњите се очекува и зголемување на човечките жртви, со оглед на фактот дека секоја година од 100 до скоро 1000 луѓе се погодени од молња. Исто така, се очекуваат и повеќе пожари, со оглед на тоа дека половина од пожарите се предизвикани од молња.

Поддржете ја нашата работа: