7 факти за психопатите

Психопатијата е можеби најдраматизираната и најозборуваната ментална состојба во забавната индустрија и медиумите, но нејзината дефиниција е испревртена и изманипулирана. Што всушност значи да се биде психопат? Следниве факти може да ве изненадат.

 
1. Психопатијата не е психијатриска дијагноза

Иако терминот психопат често недоследно се употребува низ медиумите, психопатијата не е признато психијатриско или психичко растројство. Се смета за подкатегорија или продолжение на антисоцијалното нарушување на личноста. Критичарите се’ уште дебатираат за тоа дали антисоцијалното нарушување на личноста и психопатијата се синоними, и конкретна одлука допрва треба да се донесе. Карактеристиките на оние што обично се сметаат за психопати вклучуваат недостаток на емпатија и чувство за другите, себичност, недостаток на чувство на вина и површен шарм кој се манифестира за исклучиво манипулирање со луѓето.

2. Психопатијата по природа е димензионална

Спротивно на популарното верување, не може да се каже дека некој е или не е психопат. Примамливо е да се гледа како црно-бела, но истражувањата покажуваат дека состојбата се случува во спектарот, за разлика од аутизамот. Тоа значи дека возможно е да се има мали психопатски тенденции, а умерени или сериозни карактеристики. Дури и кај најголемите психопати може да недостасуваат одредени карактеристики.

Психопатијата не е препознатливо растројство. Не постојат биолошки тестови или скенирања на мозокот кои неоспорно би ја идентификувале личноста како психопат. Најчестиот уред за идентификување е тест (PCL-R) кој се состои од 20 точки кои ги опишуваат личните карактеристики и евидентирани однесувања на психопатите. Резултатот се движи од 0 до 40 поени, а границата за идентификување психопат е 30 во САД и 25 во Велика Британија.

3. Психопатите и социопатите не се исти

Најновите истражувања покажуваат дека психопатите и социопатите се разликуваат. Иако и двете состојби се поврзуваат со слаба престава за „доброто и лошото“ и недостаток на емпатија, постојат неколку клучни разлики помеѓу нив. Според д-р Л. Мајкл Томпкинс, психолог во центарот за ментално здравје во Сакраменто, разликата е во совеста. Психопатот ја нема, иако може да се преправа дека ја има доколку го фатат на дело. Од друга страна, социопатот може да се покае, но тоа нема да биде доволно за да го спречи неговото девијантно однесување. Психопатот има помалку осет за другите од социопатот.

Друга разлика е неверојатната способност на психопатот за вклопување во општеството. Тој може да биде шармантен, интелигентен, па дури може и да имитира чувства што не ги чувствува. „Тие се вешти актери чија единствена мисија е да манипулираат со луѓето за лична корист“, вели Томпкинс. Социопатите се поимпулсивни и може жестоко да изреагираат, на тој начин покажувајќи го недостатокот на нормална емпатија. (enauka.mk: Која е разликата меѓу психопатите и социопатите?)

4. Психопатите не се секогаш насилни

Во забавната индустрија, зборот психопат е синоним за луд убиец. Речиси сите психопати во филмовите и сериите се сериски убијци – на пример, Ханибал Лектор од „Кога јагнињата ќе стивнат“ и Декстер од истоимената серија. Но, во реалноста, психопатските тенденции не значат дека лицата се предодредени за криминал. Најважните карактеристики на психопатите не се вртат околу насилството, туку околу недостатокот на емпатија, себичност и манипулација. Некои психопати може да ги искористат тие карактеристики за да вршат кривични дела, но некои може да се потпрат на својата манипулативна природа и способност за шармирање на други нешта. Многу психопати се многу успешни во светот на бизнисот – голем број психопати се извршни директори. Други популарни правци за кариера го вклучуваат правото, медиумите и трговијата.

5. Премногу се застапени во затворите

Сите психопати не се насилни, но многу од насилните луѓе би можеле да се психопати. Не е точно дека лицата со психопатски тенденции ќе станат криминалци, но не можеме да го игнорираме фактот дека истражувањата го потврдуваат нивниот голем број во затворите. Некои истражувања сугерираат дека од 50% до 80% од затворениците ги исполнуваат критериумите за антисоцијално нарушување, а од 15% од нив се очекува да се психопати. Во споредба со од 1% до 5% во општата популација, ова е јасна асоцијација.

Не постојат многу достапни истражувања за сериските и масовните убијци, но би било разумна претпоставка дека психопатите се доста застапени и меѓу тие редови.

6. Машките и женските психопати може да бидат различни

Со години, психопатите што се проучувани во затворите се мажи. Научниците и психолозите сугерирале многу причини за тоа, од биолошки причини па се до идејата дека жените можат да се извлечат со злосторството затоа што општеството очекува помалку психапатско однесување од нив.

Иако досегашните истражувања покажале дека женските (ретки) психопати се подеднакво опасни како и машките, начинот на кој нивната состојба се манифестира може да варира. На пример, тие може да ја искажуваат својата психопатија преку однесување кое често се меша со други ментални болести, што претставува уште една причина зошто се идентификувани релативно малку психопати меѓу жените.

7. Амигдалата може да има значајна улога за психопатските тенденции

Одредени мозочни структури се идентификувани како клучни играчи во процесот на обработка на емоциите и емпатијата чиј недостаток е од централно значење за психопатијата. Фронталните мозочни региони, а особено амигдалата исто така може да имаат централно значење за психопатијата. Амигдалата е поврзана со емоционалните реакции, донесувањето на одлуки и стравот. Во неколку истражувања е потврдено дека нејзината функција била намалена кај оние лица кои имале високи резултати на тестот за психопатија.

Поддржете ја нашата работа: