8 најголеми митови за лажењето

Според реномираниот психолог Пол Екман, повеќето луѓе немаат јасно разбирање за измамата. Како инспирација за хит серијата на FOX TV – Излажи ме (анг. Lie to me), Екман е најпознат по неговото истражување за универзалните изрази на лицето и микро изразите што ни ги откриваат скриените емоции. Неговата неверојатна способност за препознавање на лагите му ја донесе репутацијата на „најдобриот човечки детектор за лаги во светот“.

Тој исто така е автор на 15 книги, вклучувајќи ја „Telling Lies: Clues to Deceit in the Marketplace, Politics, and Marriage“, каде што тој ги споделува своите истражувања за лажењето и техниките за откривање на измамата. Здружението на Американски психолози го прогласило Екман за највлијателен психолог на 20-тиот век, додека весникот „Time“ го прогласил за еден меѓу 100-те највлијателни луѓе во светот.

Следуваат 8-те најголеми митови за лажењето, според Екман, со негови зборови.

Мит бр.1 – Сите лажат.
Не е точно. Не е точно за сериозни работи, за кои доколку се открие дека се лага би резултирале со крај на една врска, работа, слобода, голема сума на пари или самиот живот. Тоа се оние лаги кои јас ги нарекувам „големи лаги“, лагите кои полицијата и несигурните сопружници се обидуваат да ги дознаат. Тоа се лаги на криминалците, терористите, швалерите, измамниците, оние кои полицијата ги нарекува „лоши момци“.

Мит бр.2 – Никој не лаже.
Тешко. Скоро секој кажува по некоја мала лага. На пример, од учтивост, или пофалби до домаќинот за некоја досадна вечера и разговор, ласкање и така натаму. Никој не ни очекува дека ќе му ја кажат вистината во такви ситуации.

Мит бр.3 – Жените можат да забележат лага подобро од мажите.
Не, не можат. Повеќето луѓе се ужасни во тоа, секојпат измамени од големите лаги. Често, тие сакаат да му веруваат на лажгото. Би сакале ли да откриете дека вашиот партнер е неверен, дека вашите деца користат дрога, дека личноста што сте ја препорачале за некоја работа проневерува пари? Овие се тешки вистини за да се прифатат, па затоа оној што е цел на лагата, често соработува бидејќи вистината е премногу болна.

Мит бр.4 – Психопатите се совршени лажговци
Психопатите не се повешти во лажењето од кој било друг, но тие се толку шармантни што сакаме да им веруваме, и тоа и го правиме.

Мит бр.5 – Гледањето нагоре или налево е знак за лажење
Истражувањата покажуваат дека правецот во кој гледате пред да одговорите на некое прашање не е поврзан со тоа дали лажете.

Мит бр.6 – Микро изразите на лицето се доказ за лажење.
Краткотрајните изрази на лицето ни откриваат некоја емоција која се прикрива, а тоа е еден вид на лага, меѓутоа на пример невините лица задржани поради сомневање може да го сокриваат својот страв или бес зошто се осомничени. Мора да дознаете зошто тие ги прикриваат своите емоции, па да пресудите дали тоа е знак дека се виновни за кривичното дело што го истражувате.

Мит бр.7 –Научниците откриле „сребрен куршум“ кој делува на сите и открива доколку некој лаже
Го немаме носот на Пинокио. Не постои нешто што доколку го немаме значи дека ја зборуваме вистината, или обратно, доколку го имаме – лажеме. Полиграфот или т.н детектор за лаги е само малку подобар од среќата. Сепак, не се користи во кривична истрага – доколку еден од осомничените не го помине тестот, тогаш тој/таа е првиот/првата што се испитува, имајќи на ум дека осомничениот може да е нервозен или загрижен зошто  е невин, а не му веруваат.

Мит бр.8 – Не може да се открие дека некој лаже од неговото однесување
Постојат „ жаришта“, како што јас ги нарекувам, кои ни укажуваат дека не ја добиваме целата приказна. Ако навистина сакате да фатите некој лажго, постојат околу 30 различни жаришта на кои треба да обрнете внимание. Микро изразите на лицето и гестовите се секако најважни, но постојат и многу други.

На пример, мало поткревање на рамениците, обично само на едното рамо, во исто време кога кажувате нешто со голема самодоверба е пример на жариште. Значи тука нешто не е во ред.

Доколку сте заинтересирани да дознаете нешто повеќе за истражувањата на Екман, погледнете ги неговите книги. Исто така, можете да ја погледнете неговата веб-страница за да научите како да ги забележувате скриените емоции.

Поддржете ја нашата работа: