Ебола вирусот Заир што ја предизвика епидемијата, е смртоносен за 90% од инфицираните лица, правејќи го на тој начин најсмртоносниот вирус од фамилијата на ебола вируси. Но, постојат и други вируси кои се подеднакво, па дури и посмртоносни од еболата.
Ова се 9-те најсмртоносни вируси на планетава:
Марбург вирусот
Марбург вирусот првпат е откриен во 1967 г, кога се случила мала епидемија помеѓу лабораториските работници во Германија, кои биле изложени на инфицирани мајмуни што биле донесени од Уганда. Како и еболата, и овој вирус предизвикува хеморагична треска, што значи дека заразените лица развиваат висока температура и крварење во целото тело, што води до шок, откажување на органите и смрт. Во првата епидемија смртноста била 25%, но била поголема од 80% во епидемијата што ја зафатила Демократска Република Конго во 1998-2000 г. и Ангола во 2005 г. според податоците од Светскта Здравствена Организација(СЗО)
Ебола вирусот
Првата позната епидемија на ебола се случила истовремено во Судан и Демократска Република Конго во 1976 година. Еболата се пренесува преку контакт со крвта и другите течности и ткива од заболени луѓе или животни. Познатите видови од овој вирус драматично се разликуваат по нивната убиственост.
Еден од видовите, Ебола Рестон, дури и не предизвикува болест кај луѓето, но кај видот Бундибугио (Bundibugyo), стапката на смртност изнесува до 50%, а кај видот Судан и до 71%, според СЗО.
Еподемијата што се’ уште трае во западна Африка, започна во почетокот на 2014 година и според СЗО претставува најголемата и најкомплексната епидемија на болеста, досега.
Вирусот на беснило
Иако вакцината против беснило за домашните миленици, што беше претставена во 1920г. допринесе болеста да биде речиси искоренета во развиените земји, оваа состојба се’ уште претставува сериозен проблем за Индија и делови од Африка.
Денеска постои серум со кој се третираат лицата кои се каснати од животно со беснило. Болеста го уништува мозокот и е 100% смртоносна, ако не се третира.
ХИВ вирусот
Веројатно најсмртоносниот вирус на новото време е вирусот на ХИВ. Се проценува дека 36 милиони луѓе починале од ХИВ, од неговото откривање во почетокот на 1980-тите.
Моќните антивирусни лекови овозможија лицата со ХИВ да живеат со години. Сепак, болеста продолжува да пустоши низ многу од сиромашните земји, од каде и доаѓаат 95% од ново инфицираните случаи. Речиси 1 од 20 возрасни во суб-сахарска Африка е ХИВ-позитивен, според податоците од СЗО.
Големи сипаници
Во 1980 година Светската Здравствена Организација објави дека болеста големи сипаници е искоренета во светот. Претходно, светот се борел со големите сипаници илјадници години, а болеста била смртоносна за 1 од 3 заразени лица. Преживеаните биле со големи лузни, а често пати и слепи.
Стапката на смртност била многу повисока за популациите надвор од Европа, каде што луѓето имале многу малку допир со вирусот, пред да биде донесен во регионот од надворешните посетители. На пример, историчарите проценуваат дека 90% од домородното население на Америка починале од големи сипаници кои ги донеле европските истражувачи.
Само во 20-от век, од големи сипаници починале 300 милиони луѓе.
Хантавируси
Хантавирусен пулмонален синдром (ХПС), за прв пат предизвикал широко внимание во САД во 1993 година, кога млад здрав маж од народот Навахо и неговата свршеница починале во рок од неколку дена заради тешкотии во дишењето. Неколку месеци подоцна, здравствените власти го изолирале ханта вирусот од заразен глушец што живеел во домот на еден од заразените.
Вирусот не се пренесува од човек на човек, туку луѓето се инфицираат преку изметот од заразени глувци.
Претходно, според еден извештај од 2010 година, во списанието „Clinical Microbiology Reviews“ друг хантавирус предизвикал епидемија во почетокот на 1950-тите, за време на Корејската војна. Биле заразени повеќе од 3 000 војници, а 12% од нив починале.
Иако вирусот бил нов за западната медицина кога бил откриен во САД, истражувачите подоцна откриле дека во традиционалната Навахо медицина е опишана слична болест која се поврзува со глувците.
Грип
Во сезоните на грип, вообичаено од оваа болест во светот умираат околу 500 000 луѓе, според податоците од СЗО. Но, кога повремено ќе се појави нов вид на вирус на грип и болеста брзо ќе добие пандемични размери, стапката на смртност е често многу поголема.
Најсмртоносната пандемија на грип, што често се нарекува и шпански грип, се случила во 1918 година, кога заболеле 40% од населението во светот, а се проценува дека починале 50 милиони луѓе.
Денга
Денга вирусот прв пат се појавил во 1950 година на Филипините и Тајланд и оттогаш се проширил низ тропските и суб-тропските предили во целиот свет. Околу 40% од светската популција сега живее во областите каде денга треската е ендемична, а болеста – која ја пренесуваат комарците, веројатно ќе се прошири уште повеќе со зголемувањето на температурата во светот.
Според СЗО од денга заболуваат 50 до 100 милиони луѓе годишно. Иако стапката на смртност од денга треската е помала од некои други вируси, кај 2,5% вирусот може да предизвика болест слични на ебола, или хеморагична денга треска. Смртноста кај ова состојба, ако не се третира е 20%.
Засега не постои вакцина против денга, но во тек се клинички тестирања на една експериментална вакцина – развиена од францускиот производител на лекови Санофи, кои покажуваат ветувачки резултати.
Ротавирус
Ротавирусот предизвикува тешки проливи кај новороденчиња и мали деца. Вирусот многу брзо се шири преку фекално-орален пат, но денеска се достапни две вакцини кои ги штитат децата од ротавирусот.
Иако децата во развиените земји ретко умираат од инфекции со ротавирус, болеста е смртоносна во земјите во развој, каде третманите за рехидратација не се доволно достапни.
СЗО проценува дека во светот во 2008 година, од инфекции со ротавирус починале околу 453 000 деца помлади од 5 години. Но во земјите каде почнала да се применува вакцинацијата, бројот на хоспитализирани и починати деца од инфекции со ротавирус, драстично се намалил.