Акустична левитација

Како работи акустичниот уред за левитација?

Стандардните уреди за левитација се состојат од еден цилиндер којшто емитува звучни бранови со висока фрекфенција, а под него се наоѓа вториот дел од уредот – конкавен рефлектор. Звучните бранови што се емитуваат од цилиндерот удираат во конкавниот рефлектор и се одбиваат назад. Одбиените бранови стапуваат во интеракција со ново емитуваните бранови и создаваат т.н. стоечки бранови (standing waves). Овие бранови имаат минимум точки на акустичен притисок (или јазли) и ако акустичниот притисок во тие јазли е доволно јак, може да и се спротивстави на гравитацијата и да им овозможи на предметите да лебдат.

Во првите обиди на акустична левитација, успешно беа задржани мали предмети во фиксна положба, но во последниве години, истражувачите успеаа не само да ги задржат, туку и да ги поместуваат предметите на мала оддалеченост во просторот.

Меѓутоа, кај сите досегашни уреди за левитација, растојанието помеѓу емитерот на звукот и рефлекторот мораше да биде многу прецизно подесено за да се постигне  резонанца, пред  воопшто да се случи левитацијата. И најмали промени во растојанието можеа да го уништат стоечкиот бран, а со тоа и левитацијата.

Кај новиот уред за левитација не е потребно прецизно подесување на растојанието помеѓу емитерот и рефлекторот. Всушност, растојанието може постојано да се менува, без тоа воопшто да влијае на левитацијата. Овој уред засега може да се користи за левитација на лесни предмети (тестиран е на топчиња од стиропор со обем од 3мм.).

Следниот чекор, велат истражувачите, ќе биде да се усоврши уредот, за да може да се користи за потешки материјали. Поголем уред би можел да се користи во услови кога се работи со опасни материи, како што се хемиски-сензитивните фармацевтски материи, или за нова генерација на „high-tech“ детски играчки.

„Модерните фабрики користат стотици роботи за поместување на предмети од едно до друго место. Зошто да не се обидеме истата работа да ја завршиме без да ги допираме предметите“, велат истражувачите од Универзитетот од Сао Паоло.

Истражувањето е објавено во „ Applied Physics Letters“.

Поддржете ја нашата работа: