Алергиите може да се развијат во секое време во текот на животот

Алергиската реакција се случува кога имуниот систем реагира премногу бурно на нешто што обично не е опасно, како на пример полен или влакна од домашни миленичиња.

Првите знаци на алергија обично се јавуваат во детството. Всушност, алергиите се најчестите хронични болести во детството, но тоа не значи дека потполно сме сигурни од алергиите и во постарата возраст.

Сензибилизацијата почнува кога телото ќе дојде во контакт со некој алерген и по грешка продуцира антитела кои потоа се врзуваат со еден тип бели крвни клетни наречени мастоцити. Следниот пат кога телото повторно ќе дојде во контакт со истиот алерген, може да предизвика овие клетки да ослободат хистамин што е причина за појавата на алергиските реакции.

Дури и во детството никогаш да не сте имале проблеми со алергиите, тие може да се развијат во секое време во текот од животот. Често пати ова е поврзано со промената на алергените во животното опкружувње.

Причините зошто луѓето развиваат алергии се многу комплексни, па затоа и не може да се даде едноставен одговор зошто на пример наеднаш сте добиле отоци од некоја храна во која сте уживале во детството. Сепак, утврдено е дека кај алергиите постои и генетска компонента.

Генетски предиспонираната алергија се нарекува атопија и најчесто зафаќа членови од семејството, иако не мора секогаш тоа да биде случај. Можно е и да се случи и обратно, децата со возраста да ги надминат алергиите, така што не е необично мали деца кои имале алергиски реакции на пример на јајце, во тинејџерските години да ги изгубат сите симптоми.

Според  „Making Sense of Allergies“, водич развиен од организацијата „Sense about Science“ од Велика Британија, не може да се каже колкав број на луѓе кои се сензитивни на некој алерген, вистински ќе развијат алергија. „Студиите правени во врска со оваа проблематика кои испитувале колку од чувствителните деца ќе развијат алергија на кикирики, дошле до многу различен процент кој се движи од 11, па до 65 проценти“- велат тие.

Едно е јасно – многу луѓе кои всушност немаат никаква алергија, тврдат дека имаат алергија, или дека имаат стекнато некаква алергија. Ова често води до преувеличување на начинот на кој се гледа на алергиите и имунитетот, а исто така доведува до тоа многу луѓе непотребно да избегнуваат одредена храна или да земаат погрешни лекови.

„ Не постои единствен тест со кој ќе се дијагностицираат сите алергии. За прецизна дијагноза неопходни се тестирања и медицински консултации. Постојат тестови кои се продаваат прекуинтернет, но тие немаат никаква научна основа и даваат погрешни резултати, спречувајќи ги на тој начин луѓето да добијат соодветен третман“- предупредуваат „Sense about Science“.

Поддржете ја нашата работа: