Америка ќе ги зголеми истражувањата за марихуаната

Интересот за користењето на марихуаната за третман на различни медицински состојби се зголеми во текот на последните неколку децении, со многубројни клинички испитувања кои сугерираа дека би можела да се користи како додадок на веќе постоечките третмани на одредени здравствени проблеми, вклучувајќи ја болката, мачнините поради хемотерапијата и губењето на апетитот. Иако не е одобрена како ефикасен третман од страна на ФДА, агенцијата ги зема предвид расположливите докази и дозволи употреба на синтетичка верзија од нејзиното активно соединение – канабиноид.

Повеќе од 20 земји ја легализираа употребата на медицинска марихуана за разни состојби, а 7 се’ уште размислуваат за тоа. Со оглед на се’ поголемата популарност, сега е вистинското време критички да се оцени нејзината ефикасност во клиничка средина. Токму тоа и го прават истражувачите од Универзитетот во Бристол.

Како што е опишано во списанието „JAMA“, истражувачите ги разгледувале придобивките од канабиноидот од третманите на разни болести и симптоми. Во истражувањето биле вклучени речиси 80 клинички испитувања кои покажувале подобрување на симптомите по употребата на канабиноидите.

Иако ова звучи позитивно, тие откриле дека тие подобрувања не се статистички значајни. Покрај тоа, многу истражувања биле лошо организирани, односно вклучувале само мал број на учесници или пак продолжувале и покрај големата стапка на опаѓање, што ја доведува до прашање веродостојноста на податоците. Оние истражувања кои имале среден квалитет, покажувале ефикасност на канабиноидите при третманот на хронична болка и спастицитет предизвикани од мултиплекс склероза. Но, истражувањата за ефикасноста при нарушување на спиењето, зголемување на телесната тежина при инфекција со ХИВ, Туретов синдром и мачнини поради хемотерапија се сметале за недоволно квалитетни.

Па, ако истражувањата не се доволно добри, зошто медицинската марихуана толку многу се користи за третман на одредени заболувања? За ФДА да ја одобри употребата на одреден лек за одредена состојба, потребни се најмалку 2 клинички испитувања со соодветен квалитет, но се чини дека многу истражувања „поминале низ прсти“.

Пораката од сето ова не е дека за марихуаната нема место во современата медицина, туку дека постои јасна потреба за подобри истражувања, особено со оглед на фактот дека се’ повеќе влади размислуваат за нејзина легализација, заклучуваат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа:
Ви благодариме за секоја ваша поддршка и донација