Античките и модерните градови и не се толку различни

И покрај значајните разлики во изгледот, културата, управувањето и технологијата, античките човекови населби функционирале на ист начин како и модерните градови, според наодите на истражувачите од Институтот Санта Фе и Универзитетот во Колорадо Болдер.

Претходните истражувања покажале дека како што се зголемува популацијата во модерните градови, така се зголемува и нивната ефикасност и продуктивност. Популацијата го надминува развојот на урбана инфраструктура, на пример, а производството на добра и услуги ја надминува популацијата. Овие модели имаат и изненадувачки степен на математичка регуларност и предвидливост, феномен наречен „урбано скалирање“.

Но, дали ова отсекогаш било така?

Научниците спровеле истражување за да ги тестираат ефектите од големината на градовите низ историјата. Тие испитувале археолошки податоци од басенот на Мексико (сегашно Мексико Сити и околните региони) и ги анализирале димензиите на илјадници антички храмови и куќи за да го проценат населението и густината, големината и стапката на изградба на споменици и згради, како и интензитетот на употреба.

Резултатите покажале дека колку што античката населба била поголема, толку била и попродуктивна.

„Ова е интересно откритие бидејќи досега сме мислеле дека благодарение на капитализмот, индустријализацијата и демократијата, модерниот свет радикално се разликувал од оној во минатото. Изгледа дека основните двигатели на социо-економскиот модел на модерните градови им претходат на сите нив“, истакнуваат научниците.

Ова би можело да послужи за подобрување на ефикасноста на денешните урбани центри.

Иако се возбудени од ова откритие, научниците го гледаат како само еден чекор од еден долг процес. Планираат да испитаат и други антички градови во Перу, Кина и Европа и да ги проучат факторите кои водат кон појава, пораст и колапс на урбаните системи.

Истражувањето е објавено во „Science Advances“.

 

ЕНаука.мк e проект во кој главната движечка сила се лица со хендикеп и негови главни цели се враќање на интересот за науката и технологијата во нашите домови, институции и медиуми, како и да докаже дека вистинското место на лицата со хендикеп е во македонската наука и економија. Редовното посетување на нашиот портал, споделувањето и дискусијата на интересните статии ќе овозможи одржливост на овој проект и ќе поттикне други слични идеи од кој бенефит би имало целото општество.

Поддржете ја нашата работа: