Антидепресивите го оштетуваат срцето?

Истражувањето е објавено во тековното онлајн издание на списанието „Psychosomatic Medicine“.

„На медицинската заедница одамна и е познато дека депресијата е тесно поврзана со срцеви заболувања, но не се знае дали лекувањето ќе го намали ризикот од болести на срцето“, изјави д-р Керол Шивели, главен автор на истражувањето.

Методологија на истражувањето

За истражувањето се одбрани само женки поради фактот дека коронарната срцева болест е водечка причина за смрт кај жените во САД. Дополнително, депресивните растројства се 2 пати почести кај жените отколку кај мажите.

42 средовечни женски мајмуни, 18 месеци биле хранети со храна која содржи масти и холестерол. Во текот на пред-третман фаза, кај некои од животните било забележано депресивно однесување.

Следен чекор била случајна селекција на мајмуните. Едната група еднаш дневно во текот на 18 месеци добивала селективен серотонински инхибитор (ССРИ), се продава под името на брендот „Zoloft“. Другата група добивала плацебо лекови. Дозата на антидепресивите била споредлива со онаа која најчесто им се дава на пациентите.
Мајмуните кои добиле ССРИ развиле три пати поголемо ниво на атеросклероза во однос на плацебо групата. Кај депресивните животни ризикот е 6 пати зголемен во однос на плацебо групата.

Наодите укажуваат на тоа дека долготрајниот третман со овој лек поттикнува коронарна артериска атеросклероза во нечовечки примати. Ова може да биде клинички значајно за луѓето, бидејќи речиси една четвртина од средовечните жени во САД користат антидепресиви, од кои повеќето се ССРИ.

И покрај потребата од повеќе истражувања, лекарите можеби ќе сакаат да ги имаат овие наоди на ум, кога препишуваат антидепресиви. Вежбањето и психолошкото советување можат да бидат еднакво ефективни во борба со депресијата.

Поддржете ја нашата работа: