Разбирањето за потеклото на човекот, кое ние го имаме веќе се менува со откривање на фосили во Мароко, наоѓалиштето Џабел Ирхуд Маорка, кои се постари најмалку 100 000 години од било кои досега пронајдени остатоци од нашиот вид.
“Ова откритие го претставува самиот корен на нашиот вид, најстариот Хомосапиенс пронајден во Африка или на било коедруго место”, вели Жан Жак Хаблен,директор за човековата еволуција во Институтот Макс Планк во Лајпциг и еден од лидерите на студијата.
Во „гнездото на човековите останки“ откриени се черепи, коски од екстремитети и заби од најмалку пет поединци со старост од околу 300.000 години, што претставува вистинска сензација во областа на антропологијата.
Ова откритие во Северна Африка, исто така, од темел ги менува досегашните сознанија. Забите и лицата наликуваат на денешните луѓе, но черепите со издолжен облик покажуваат дека на мозокот му било потребно многу повеќе време да еволуира до денешната форма.
Палеоантропологот Филип Ганцз оценува дека овие откритија зборуваат дека лицето на Хомосапиенсот се формирало налик на денешното, многу рано во историјата на овој вид, но со оглед на моделираниот изглед на лицето и забите, Хаблен оценува дека тие толку наликувале на денешните, што тешко се разликуваат доколку на главата им се стави шапка.
Пред откритието на археолошкиот локалитет Џабел Ирхуд, сместен помеѓу градот Маракеш и Атлантскиот брег на Мароко, за досега најстари познати останки од Хомосапиенсот, беа сметани оние од етиопскиот локалитет Омо Кибиш, чијашто старост се проценува на 195.000 години.
Научниците воглавно се согласуваат за прашањато дека Хомосапиенсот потекнува од Африка, меѓутоа откритијата во Мароко зборуваат дека историјата на еволуцијата веројатно го опфатила целиот африкански континент и дека Хомосапиенсот пред 300.000 години бил распространет ширум Африка.
„Пораката којашто би сакале да ја пренесеме е дека нашиот вид е многу постар отколку што досега се мислеше и дека не се појави како ”Адам во Рајот” некаде во источна Африка. Тоа е панафрикански процес и е многу покомплексен отколку што досега се веруваше“ вели Хаблен.
“Веројатно пред 300.000 години, пред Џабел Ирхуд, претците на нашиот вид се раштркале низ целиот африкански континент и целата Африка учествувала во тој процес“– додава тој.
Мароканските фосили откриени во пештера, се останки од три возрасни поединци, еден адолесцент и едно дете чијашто возраст се проценува на околу осум години, а се верува дека биле лови собирачи. Покрај нив имало и коски од животни, меѓу кои се најдени газели и зебри кои ги ловеле, како и камено орудие како копја и ножеви, како и докази дека бил користен оган.
Датирањето на фосилите од мароканското наоѓалиште го направил Даниел Рихтер со техниката на термолуминисценција, којашто се користи од 1980-те години.
„Веќе имаме откриено таков тип орудија, исто така датирани на 300.000 години, помалку насекаде низ Африка, но не знаевме кој би можел да ги произведе“, вели Рихтер и додава дека сега нив научниците може да ги поврзат со Хомосапиенсот.
Многу различни групи коегзистирале, не само во малку оддалечените региони, туку исто така и во соседните области. Хомосапиенсот денеска е единствениот човеков вид, но пред 300.000 години тој веројатно ја делел планетата со неколку денес изумрени роднини во Евроазија, Ненадерталците на западот и Денисованите на истокот, како и другите во Африка.
Заклучокот на Хаблен е дека дека денес „сé повеќе се оддалечуваме од линеарната визија за човековата еволуција, според којашто видовите се нижеле еден по друг“.