Кинеските научници од Универзитетот во Хонг Конг спровеле голема студија на еден од најпознатите лекови. Според нивните сознанија, долгорочното земање на аспирин го намалува ризикот од појава на некои видови на рак.
Во истражувањето се вклучени повеќе од 600 000 лица со цел да се разбере врската помеѓу аспиринот и ракот. Кај оние луѓе, кои земале по една таблета аспирин дневно, во текот на 7 години веројатноста од појава на рак на црн дроб или езофагус е за 48% помала од оние кои не земале аспирин, додека ризикот од појава на рак на желудник е помал за 38%.
Појавата на рак на панкреас била намалена за 34%, а рак на дебело црево за 24%. Професорот Келвин Цои вели: “Резултатите покажуваат дека долгорочното земање на аспирин може да го намали ризикот од развој на многу видови на рак. Забележавме многу големо влијание на аспиринот во спречување на развојот на рак во дигестивниот тракт. Исто така, намалена е појавата на рак на езофагусот и црниот дроб”.
Научниците исто така проучувале и во колку голема мера аспиринот има влијание при долгорочно земање на намалувањето на другите облици на рак, како што се рак на дојка, бибрези и мочен меур, но откриле дека аспиринот на нив нема делотворно влијание. Меѓутоа, намалена е појавата на рак на белите дробови за 35%, леукемија за 24 отсто, и простатата за 14 отсто.
Аспиринот се состои од ацетилсалицилна киселина и се применува за бројни здравствени проблеми. На пример, помага во спречување на срцев и мозочен удар. Во неодамнешната студија е забележано дека кај пациенти кои престанале да земаат аспирин, дошло до повторен срцев или мозочен удар, додека кај оние кои и натаму го користеле, ваквата појава била намалена.
Иако аспиринот благотворно делува, многу лекари не сакаат да го препишат на своите пациенти за земање на подолг период, бидејќи редовната употреба на аспирин може да резултира со крварење во цревата.