Студијата, објавена во весникот „Infant Behavior and Development“, опфатила 32 жени чија бременост се следела од нивната 28-ма до 38-ма недела , со цел да се прецизира точното време кога се појавува способноста за учење. Спроведена е во Колеџот за медицинска нега на Универзитетот во Флорида, на чело со Шарлин Кругер.
Жените кои учествувале во испитувањето имале задача три пати на глас да прочитаат детска песничка во времетраење од 15 секунди и тоа да го прават два пати дневно во рок од шест месеци. Одбраната песничка претходно не и била позната на мајката.
Во 32-рата,33-тата и 34-тата недела биле мерени отчукувањата на срцето на фетусот додека слушале снимка од непознат женски глас што ја рецитира песничката.
До 34-тата недела, бројот на отчукувања на срцето кај фетусите благо се намалил додека ја слушале снимката, во споредба со контролната група фетуси кај кои бројот на отчукувања благо се зголемил додека слушале снимка со нова песничка.
Успорената работа на срцето е поврзана со препознавањето на фетусот на нешто познато, додека забрзувањето пак се појавува како одговор на ново непознато звучно искуство.
Во 34-тата недела, мајките престанале да им рецитираат на своите бебиња, потоа во 36-тата и 38-мата недела повторно биле тестирани.
Во 38-мата недела можевме со сигурност да заклучиме дека фетусот може да го запамети ритамот на песничката, четири недели подоцна откога мајката престанала да ја рецитира песничката-вели Кругер. Колку што одговорот е пролонгиран, толку повеќе е сигурно дека учењето започнало-вели таа.
Ова откритие може да има примена кај предвремено родените деца во неонаталните оддели.
Исто така, би можело снимките од гласот на мајката да се постават во креветчињата на бебињата , за да имаат бенефит од позитивното влијание што гласот на мајката го има врз нив-додава Кругер.