Бетон кој пропушта вода

Компанијата „Тормак“ од Велика Британија произведе пропустлив бетон т.е. бетон кој има способност да ја пропушта водата низ него, овозможувајќи водата да пенетрира низ бетонот во земјата.

Овој бетон иако е пропустлив, сепак неговите физички карактеристики не се ни малку за потценување и истиот може без проблем да го издржи теретот на тешките возила и машини кои би се движеле по него.

Сигурно дека овој бетон не може да помогне при долготрајни врнежи кои во секој случај ќе предизвикаат поплави бидејќи ќе дојде до заситување на почвата, но би бил одлично решение за градовите како Скопје кои изградија голем дел на станбени објекти и коловози на ридовите како Водно, Козле, Припор итн. при што се јавува голем проблем и при локални врнежи со кратко времетраење, но со висок интензитет.

При вакви врнежи, во градовите како Скопје, доаѓа до брзо заситување на капацитетите на атмосферската канализација, не поради тоа што истата не е добро димензионирана за површината што ја покрива, тука поради тоа што не е земено предвид дека бетонот од објектите и коловозите кои не дозволуваат водата да пенетрира во почвата стануваат своевиден канал за проток на водата, при што поради големата висинска разлика на површините (пример на Водно) и оние во центарот на градот, водата што ќе наврне на целата површина на повисоките делови на градот за многу кратко време се слева по коловозите во пониските делови предизвикувајќи поплави.

Добро е што науката и технологијата напредуваат и ќе имаме можност да корeгираме одредени пропусти од минатото како и да го планираме развојот на начин незамислив во минатото.

 

Поддржете ја нашата работа: