Станува збор за имплант „е-Дура“ специјално дизајниран за имплантација на површината на мозокот или ’рбетниот мозок. Малиот уред идентично имитира механички својства на живо ткиво и истовремено испорачува електрични импулси и фармаколошки супстанци. Ризиците од одбивање или оштетување на ‘рбетниот мозок се драстично намалени.
Досегашните површински импланти ги достигнуваа границите, но тие не можат да се применат долгорочно на ‘рбетниот мозок или мозокот, под заштитната обвивка на нервниот систем, инаку позната како „дура материја“, затоа што кога нервните ткива се движат, тие се тријат од овие ригидни уреди. Триењето предизвикува воспаление, лузни, израстоци и одбивање.
Новиот имплант
Флексибилен и еластичен, имплантот развиен во „EPFL“ е вграден под дура материјата, директно на ‘рбетниот мозок. Неговата еластичност и потенцијал за деформација се речиси идентични со живото ткиво што го опкружува. Ова го намалува триењето и воспалението на минимум. Прототипот на „е-Дура“ кај глувците не предизвикал штета во период од 2 месеци. Повеќето крути традиционални импланти предизвикуваат значителна штета на нервното ткиво за тој временски период.
За време на тест периодот, уредот се покажал како совршено биокомпатибилен. И не само тоа, за неколку недели, кај стаорците целосно била вратена способноста за движење.
Ова отвора нови терапевтски можности за пациентите кои страдаат од невролошки повреди или заболувања , особено поединци кои останале парализирани по повреда на ‘рбетниот мозок.
Флексибилност на ткиво, ефикасност на електрони
Развојот на имплантот „е-Дура“ е огромно достигнување во областа на инженерингот. Флексибилен и растеглив како живото ткиво, тој сепак вклучува електронски елементи кои го стимулираат ‘рбетниот мозок на местото на повреда. Силиконскиот супстрат е покриен со позлатени растегливи електрични патеки. Електродите се комбинација на иновативен силикон и микро зрна од платина. Тие може да се деформираат во која било насока, без застој во оптималната електрична спроводливост. Конечно, течните микро канали овозможуваат испорака на фармаколошките супстанци, во овој случај невротрансмитери кои ги реанимираат клетките од повреденото ткиво.
Имплантот, исто така, може да се користи за следење на електричните импулси од мозокот во реално време.
Имплантот „e-Дура“ првенствено е тестиран во случаи на повреда на ‘рбетниот мозок кај парализирани стаорци. Но потенцијалот за примена е огромен, на пример: епилепсија, Паркинсонова болест и контрола на болката.
Деталите се објавени на 9 јануари во „Science“.