Бионички мравки ќе работат во фабрики?

Германската технолошка фирма „Фесто“, основачот на оваа технологија, вели дека покрај необичната анатомија на вистинските мравки, сакале да ја реплицираат и колективната интелигенција на колонијата на мравките. Компанијата вели дека во иднина, системите за производство ќе се засноваат на интелигентни индивидуални компоненти кои се прилагодуваат на различни производствени барања преку меѓусебна комуникација.

Така, бионичките мравки ги координираат своите активности и движења за да постигнат заедничка цел – исто како индивидуалните мравки кои извршуваат задачи за целата колонија. Мравките исто така можат да извршуваат и сложени задачи, како на пр. пренесување на голем тежок товар – задача што не би можеле да ја постигнат поединечно.

Роботот е опремен со стерео камера и сензор што заедно и овозможуваат на мравката да ја одреди својата локација и да ги идентификува објектите кои треба да ги зграби со „клештите“ на предниот дел од својата глава. Антените се всушност полначи на литиумските батерии кои го овозможуваат движењето. Во пределот на стомакот се наоѓа радио модул кој им овозможува на мравките безжично да комуницираат. И исто како и вистинските мравки, и овие имаат по 6 артикулирани нозе.

Начинот на кој се конструирани е уникатен. Телата се направени од 3Д печатен пластичен прав, кој е топен слој по слој со ласер. Колото е исто така 3Д испечатено на врвот на телото. За прв пат се комбинираат овие техники. Керамичките нозе и клешти се флексибилни механизми кои се движат брзо и прецизно без да користат многу енергија.

„Фесто“ планира да ги изложи роботските мравки на најголемиот светски саем на индустриска технологија – „ Hannover Messe“, од 13-15 април, каде што германската инженерска компанија исто така ќе ги покаже и своите креации, како на пр. вештачките пеперутки.

Поддржете ја нашата работа: