Бојата на очите-ризик фактор за алкохолизам

Новото истражување од Универзитетот во Вермонт сугерира дека луѓето со светла боја на очи – што истражувачите ја дефинираат како сина, зелена, сива, или со кафеав центар, имаат поголема веројатност да станат зависни од алкохол.

Врз основа на примерок од 1.263 Европејци и Американци, откриено е дека зависноста од алкохол е почеста меѓу оние со светли очи од оние со темно кафеави очи. Луѓето со сини очи имаат најголема стапка на зависност од алкохол, според истражувањето. Контролирани се и останатите варијабли кои би можеле да влијаат на резултатите, како што се возраста, полот и генетското потекло.

Истражувањето исто така покажа на „статистички значајна” интеракција меѓу гените за бојата на очите и гените поврзани со зависноста од алкохол. Генетска интеракција е кога еден ген влијае на ефектите од другиот.

Зависноста од алкохол во истражувањето е дефинирана според критериумите од „Дијагностички и статистички прирачник за ментални нарушувања“, 4-то издание.

Д-р Давеи Ли вели дека следниот чекор е да се обидат да ги реплицираат резултатите. Ако идните истражувања се’ уште покажуваат корелација, ќе се утврдува дали врската се должи исклучиво на генетиката, или пак можеби културните фактори играат улога.

Сепак, истражувањето сугерира интересна можност бојата на очите да биде земена предвид во процесот на дијагностицирање на алкохолизмот.

Наодите се објавени во најновото издание на „American Journal of Medical Genetics Part B“. Претходно, во 2000 година Државниот универзитет на Грузија објави речиси идентични наоди – дека луѓето со светло обоени очи конзумираат значително повеќе алкохол од нивните врсници со темни очи.
Поддржете ја нашата работа: