Во природата, раѓањето деца не е секогаш „женска работа“. Машките морски коњчиња забременуваат и всушност, делат многу заеднички работи со луѓето кога станува збор за породувањето и одгледувањето на децата.
Научниците од Универзитетот во Сиднеј испитувале како мажјаците го негуваат ембрионот во текот на неговиот развој од 24 дена, за подобро да ги разберат физиолошките и генетските промени што се случуваат во тој период.
Откриле дека бременоста на машките морски коњчиња е прилично слична со бременоста кај луѓето – тие ги негуваат и заштитуваат ембрионите додека се наоѓаат во марсупиумот, слично како човечките бебиња во утробата. Покрај тоа што женките ги обезбедуваат потребните хранливи материи, „торбичката“ на мажјаците еволуирала за да обезбеди дополнителни хранливи материи, како липиди и калциум, имунолошка заштита, вклучувајќи и размена на гасови и исфрлање на отпадот.
„Без разлика на видот, бременоста претставува низа сложени предизвици, како обезбедување на кислород и храна на ембрионот. Ние независно сме еволуирале за да се справиме со тие предизвици, но нашето истражување покажува дека дури и не толку поврзаните животни на сличен начин се справуваат со бременоста и создавањето на здрави поколенија“, заклучуваат научниците.
За сличностите во бременоста кај морските коњчиња, цицачите и гуштерите кои се откриени во истражувањето се потребни понатамношни истражувања, со што треба да се открие дали еволуција на бременоста кај сите видови е послична отколку што научниците мислеле.