Британски астронаут бара помош за огледување на храна во вселената

Мајорот Тим Пике сака учениците да засадат семе од рукола, кое било во орбитата и да го споредат нивниот раст со нормалните растенија. Тој вели дека изнаоѓањето начини за одгледување на храна во вселената ќе биде од суштинска важност ако луѓето почнат да патуваат и да живеат на далечните планети.

Експериментот ќе го раководат Кралското хортикултурно здржение и Вселенската агенција на Велика Британија.

Мајорот Пике ќе ја започне својата шестмесечна мисија на Меѓународната вселенска станица подоцна оваа година. Со себе ќе носи повеќе од еден милон семиња од рукола, кои после неговото враќање ќе бидат дистрибуирани во 10 000 училишта. Децата се повикани да се пријават за учество во научниот експеримент, во кој ќе се утврдува како шестмесечниот престој во вселената влијаел на семињата.  

Според мајорот Пике, овој експеримент ќе биде вклучен во истражувањата што ги спроведуваат вселенските агенции со цел да утврдат дали еден ден астронаутите ќе можат сами да одгледуваат храна во вселената. Експериментот е наречен „Rocket Science“.

Според Европската вселенска агенција (Еса), на секој астронаут на Меѓународната вселенска станица му се потребни 5 кг. храна и вода секој ден. Овие залихи редовно им пристигнуваат од Земјата. Но, би било исклучително скапо ова да се прави за постојаните човечки колонии на Месечината и воопшто не би било реално изводливо за патувањата на Марс.

Експерименти со растенијата во вселената се правени уште од првите вселенски патувања на човекот во 1960-тите години. Овие експерименти покажале дека растенијата знаат да растат нагоре, дури и при многу ниско ниво на гравитација. Засадените семиња своите корени ги испуштале кон гравитационото поле, а растеле спротивно од него, дури и кога неговата јачина била 10 000 пати помала отколку на Земјата. Но, во други експерименти вршени во вселенските летала, се покажало дека некои растенија растат послабо во присуство на светлина и ниска гравитација.

Според д-р Џејсон Хатон од Еса, ова укажува дека треба да се усовршат техниките за одгледување за да може да се добијат подобри приноси во вселената. Сега кога Меѓународната вселенска станица е потполно подготвена, вселенските агенции ќе можат да ги проучуваат ефектите на бестежинската состојба и радијацијата во внимателно контролирани услови.

Овој проект добил поддршка и одобрение од новиот министер за наука на Велика Британија, Џо Џонсон.

„Ова е извонредна можност да се инспирираат младите генерации за вселената и вселенските науки. Ова е прекрасна иницијатива на Кралското хортикултурно здружение и Вселенската агенција на Велика Британија. Половина милион деца ќе земат учество и ова е извонредна можност тие да се поддржат“- изјавил тој за „BBC News“.  

 

 

Поддржете ја нашата работа: