Британските научници бараат дозвола за генетско модифицирање на човечки ембриони

Британските научници од Институтот Франсис Крик во Лондон поднесоа барање за генетско модифицирање на човечки ембриони до локалното регулаторно тело – „HEFA“. Ова барање е доставено само неколку месеци откако истражувачи од Кина признаа дека ги менувале гените во човечки ембриони за да елиминираат генетско заболување на крвта.

Менувањето на гените во ембрионите за терапевтски цели на овој начин е нелегално во повеќето држави, поради загриженоста дека технологијата ќе се искористи за луѓето да си ги дизајнираат бебињата. Во Велика Британија, истото може да се дозволи за истражувачки цели, од страна на „HEFA“.

Ова е првиот случај кога истражувачите бараат одобрение и доколку го добијат, ова ќе биде и првиот случај кога едно национално регулаторно тело дозволило вакво нешто.

Истражувачите од Институтот Франсис Крик во Лондон велат дека нивното истражување ќе го подобри развојот на ембрионот по ин витро оплодувањето, и можеби ќе овозможи подобар клинички третман за неплодноста. Ембрионите што ќе ги користат ќе бидат донирани од паровите кои имаат вишок ембриони за време на ин витро оплодувањето и што е најважно, ќе се искористат за да се проучат раните фази на развој и потоа ќе се уништат.

Истражувачите ќе користат алатка за уредување на гените позната како „CRISPR/Cas9“ за да активираат и деактивираат одредени гени и потоа ќе ги следат ефектите од тие промени на ембрионите. Се’ уште не се знае која ќе биде одлуката на „HEFA“, но постои голема веројатност барањето да биде одобрено.

Поддржете ја нашата работа: