Скоро 60 проценти од жените во текoт на животот ќе се соочат со инфекција на уринарниот тракт, а оние што го почувствувале тоа знаат колку може да биде незгодно.
Со години наназад, многу доктори го препорачуваат сокот од брусница како превентива или за третирање на симптомите на уринарните инфекции, но едно ново истражувањe покажува дека брусницата не делува на инфекција.
Всушност, ако се погледне назад што вели научната литература на оваа тема, може да се види дека препорачаните количини сок од брусница се многу над она што е реално за еден човек или дека нема цврсти докази дека било која количина дава позитивни ефекти.
Истражувањето е направено од Медицинската школа на Јеил и предводено од Маниша Јутани-Мехта – специјалист за инфективни болести. Биле испитувани ефектите од секојдневна употреба на капсули со високи дози на брусница – еквивалент на 591 мл. сок од брусница, кај 185 жени сместени во старечки дом.
Овие жени се избрани бидејќи уринарните инфекциите се најчесто дијагностицирани помеѓу жителите во старечките домови.
Учесничките во испитувањето биле поделени во две групи, кои по случаен избор добивале или по две капсули дневно со по 36 милиграми од активната супстанција прантоцијанидин или добивале плацебо.
Пред да почне истражувањето, кај 31 од учесничките била дијагностицирана уринарна инфекција. После 360 дена истражувачите не откриле разлика во присуството на бактерии кај групата која добивала брусници и кај групата со плацебо, нити разлика во бројот на повторувачките уринарни инфекции.
За оние што ја следат оваа тематика овие резултати не се изненадување – со години во научната литература се посочува на недостатокот на докази дека сокот од брусница или капсулите се ефикасни како превентивна мерка или третман на уринарните инфекции.
Тогаш, зошто толку долго опстојува овој мит? Постојат неколку причини за тоа. Како прво, докажано е дека активната состојка од бруснцата – А-тип проантоцијанидин го блокира лепењето на бактеријата на ѕидот на мочниот меур. Затоа изгледа оправдана хипотезата дека блокирањето на бактеријата што ја предизвикува уринарната инфекција може да биде потенцијален третман или превентивна мерка.
Но, тука постои еден проблем – потребни се екстремно високи концентрации од брусница за да се спречи прилепувањето на бактеријата, што го нема во сокот од брусница. А сега има докази дека и концентрацијата на активната супстанција во капсулите не е доволна да спречи акумулирање на бактеријата во бешиката.
Сокот ќе придонесе за подобра хидратација и веројатно ќе помогне полесно да се испере бактеријата од бешиката, но активната состојка од брусницата ја нема многу порано пред да стигне до бешиката. Истото ќе го постигнете и со обична вода, наместо да трошите пари за сок, велат истражувачите.
Истражувањето е објавено во „American Medical Association“.