Чекор поблиску до вештачка фотосинтеза

Вештачката фотосинтеза е индустриски процес на производство на горива и хемикалии само од јаглен диоксид, вода и сончева светлина. Ова е  процес од витално значење што може да биде основа за создавање на свет на кој нема да му бидат потребни фосилни горива.

Во истражувањето опишано во списанието „Advanced Energy Materials“ научниците од Универзитетот  „Монаш“ успеаја да откријат нов начин како да го претворат јаглеродниот диоксид во метанол, со што дојдоа еден чекор поблиску до вештачката фотосинтеза. Метанолот е извонредно важно течно гориво кое може да се користи како гориво за возила, за загревање на домови и сл.

„Клучен хемиски процес е развојот на нови катализатори, еден за оксидација на водата и друг за апсорпција и редукција на јаглеродниот диоксид. Кога катализаторите ќе се соединат со материјал што апсорбира светлина, создавањето на гориво како метанол би било сосема возможно“, вели професорот Даглас Мекфарлејн, водач на истражувачката програма на Универзитетот „Монаш“.

Истражувачите успеале да направат спојување  со користење на јаглеродни квантни точки и бакарен оксид.

„Упеавме да создадеме фото – катализатор на база на бакарен оксид кој на површината има ситни јаглеродни точки со големина од околу два нано-метри. Овој нано – композитен материјал може директно да го  претвори јаглеродниот диоксид растворен во вода, во метанол, притоа користејќи само сончева светлина како извор на енергија“.

„Метанолот може директно да се користи како гориво или како составен дел на многу сложени јаглеродни соединенија како на пр. пластика и лекови“, објаснува професорот.

Поддржете ја нашата работа: