Чернобил, местото на најголемата нуклеарна катастрофа во историјата би можело да прерасне во гигантски соларен парк, потврди Украинскиот министер за екологија Остап Семерак.
“Јасно е дека таа територија не е погодна за земјоделство, но ова е област, прилагодена за иновации и истражувачки проекти”, вели Семерак.
До крајот на оваа година, фирмите ќе изградат две соларни електрани, кои ќе имаат моќност од по три мегавати, и ќе бидат поставени на подрачје од шест хектари.
Оваа количина е значително помала од 4.000 мегавати од колку што се произведувало во Чернобил во советската ера, но се очекува во текот на оваа година да се изградат и нови електрани.
Властите истакнаа дека за соларните паркови се наменети 6.000 хектари во изолирана зона, која опфаќа радиус од 30 километри околу местото на несреќата.
Меѓународен интерес за проектот
Најмалку 50% електрична енергија во Украина произведуваат нуклеарните централи, 40% термоелектраните, главно јаглен, 7% хидроелектраните и само 1% соларните.
“За овој проект се заинтересирани голем број меѓународни компании. Јас верувам дека во случај на успешни преговори, тој може да се спроведе уште во почетокот на наредната година”, додава Семерак.
Тој исто така вели дека странските инвеститори ќе ги привлече квалификувана работна сила, како и цената на земјиштето, која е пониска поради тоа што не е погодно за обработка.
Тој регион, кој бил најпрво напуштен од сите жители, а подоцна само 100-тина од нив се вратиле, за 30 години по катастрофата се претворил во специјален резерват, каде блика растителниот и животински свет.
Аналитичарите сметаат дека идејата за овој проект е технички издржана.
Електричните далеководи се сеуште употребливи
“Климатските услови и износот на сончева светлина се подобри во Украина отколку во Германија, каде е распространета соларната енергија”, смета Димитро Лукомски, извршен директор на “Рентехна”, Украинска компанија специјализирана за обновливи извори на енергија.
Голема предност е тоа што на подрачјето на Чернобил сеуште се наоѓа инфраструктура на некогашната нуклеарна централа, како и далеководи кои се и натаму употребливи. Сепак за овој проект треба многу да се вложи.