Научниците откриле древен вид на бактерија во една од најдлабоките пештери во светот, која се чини дека е отпорна на сите најмоќни антибиотици на современата медицина.
Бактеријата наречена „Paenibacillus“ била скриена повеќе од 4 милиони години, што покажува дека „супербактериите“ можат да развијат отпорност кон одредени антибиотици и без влијание од човечкот и нашите медикаменти, а веројатно преку изложеност на природните антибиотици што се јавуваат во подземните средини.
Бактеријата е откриена на околу 305 метри длабочина во пештерата Лечугвиља (Lechuguilla Cave) во Ново Мексико. Таа се смета за исклучително чиста, незагадена средина и научно важна, така што пристап во пештерата може да добиете само ако сте член на истражувачки тим.
Научниците од Универзитетот Акрон во Охајо и од Универзитетот МекМастер во Канада, преку примероци земени од пештерата идентификувале пет начини преку кои „Paenibacillus“ ги блокира антибиотиците, со цел да откријат на кој начин во иднина да се бориме со бактериската отпорност на антибиотици.
Антибиотиците делуваат на тој начин што ги блокираат механизмите што ги користат штетните бактерии за да функционираат, но проблемот е што овие патогени многу брзо еволуираат и наоѓаат нови начини како да ја избегнат блокадата и тоа многу побрзо од тоа што ние успеваме да ги уништиме.
На овој проблем се надоврзува и фактот дека зголемената употреба на антибиотиците во болниците и во другите области, како земјоделството, им помагаат на бактериите да развијат отпорност уште побрзо.
Ова е дел од причината зошто овие древни бактерии се предмет на толку голем интерес. Тие постоеле долго време пред појавата на човекот, па затоа нивната отпорност се должи на друг вид притисок од животната средина, којшто сѐ уште не е познат.
Тестирањата покажале дека бактеријата е отпорна на 18 различни антибиотици, меѓу кои и на Даптомицин – кој се користи како „последна опција“ кога ништо друго не помага.
Главната одбрана што ја користи „Paenibacillus“ е создавање на мутации во индивидуални клетки кои потоа се пренесуваат на следната генерација, што се совпаѓа со начинот на создавање на отпорност што го користат сличните видови бактерии што се наоѓаат во почвата.
Во оваа фаза, бактеријата не предизвикува болест кај човекот, но ако еволуира и стане патогена – што може да се случи со или без човечка интервенција, научниците се надеваат дека ќе откријат начин како да ја победат, пред да стане опасна за човечкото здравје.
Истражувачите велат дека бидејќи пештерата Лечугвиља крие древни бактерии отпорни на антибиотици, можно е исто така да содржи и состојки кои би можеле да ги користиме за нови антибиотици.
Ако не успееме да останеме еден чекор понапред од овие патогени, бактериската отпорност на антибиотиците во блиска иднина ќе стане огромен проблем за хируршките и другите видови на терапија, со што лековите за некои болести ќе станат подеднакво опасни како и самата болест.
Да се надеваме дека најголемите умови во светот ќе пронајдат решение пред ова да се случи.
Истражувањето е објавено во „Nature Communications“.