Дали ја имаме првата човечка сперма создадена во лабораториски услови? Француски тим од научници тврди дека ќе ги разубеди скептиците со нивниот труд што беше објавен во рецензирано списание. Но, некои научници велат дека понудените докази сѐ уште не се доволни за да се потврди едно вакво големо историско достигнување.
Во истражувањето што траело 20 години, француските истражувачи тврдат дека направиле човечка сперма и сперма од стаорци, почнувајќи од клетките наречени сперматогонијални клетки.
Јапонските истражувачи направија сперма од глувци во 2011 година, а кинеските научници истото го направија оваа година. Францускиот тим е првиот што тврди дека е на чекор до создавање човечки сперматозоиди. „Се работи за финалните 20 проценти од процесот“, вели Филип Дуранд од компанијата Калистем од Лион, која го спроведува проектот.
Минатата година Калистем ја патентира техниката, но со ова не успеа да ги убеди скептиците. Сега, нивниот труд за сперма од стаорци и човечка сперма беше објавен во рецензираното научно списание „Biology of Reproduction“.
Калистем изјави дека нивната цел е да им помогне на мажите кои не можат да создаваат сперма поради третмани за рак во детството кои често ги уништуваат сперматогониите. Со биопсија се зема и се замрзнува материјал кој содржи сперматогонијални клетки од момчето пред да започне третманот, а во иднина, кога ќе реши да има деца, со оваа техника од тие клетки ќе може да се направи сперма.
Процес од 72 дена
Дуранд и неговите колеги се обиделе да ја докажат изводливоста на оваа идеја преку создавање сперма од ткиво од тестиси на стаорци, толку млади да можат да ги претставуваат момчињата кои би имале корист од оваа техника. А за да го постигне истото кај човечки клетки, Дуранд земал ткиво донирано од луѓе кои се подложиле на хормонска терапија која доведува до регресија на ткивото од тестисите до пред пубертетска фаза.
Клучот, вели Дуранд, е биореакторот во кој снопот од семиниформните тубули – структурите во тестисите кои ги содржат сперматогонијалните клетки, се спакувани во тенки цилиндри од воден гел наречен хитозан. Гелот е порозен и овозможува воздухот да дифундира внатре и надвор од клетките. „Пропустливоста е важна бидејќи дозволува премин на кислород и јаглероден диоксид во и надвор од клетката. Гелот исто така ги држи под контрола и бактериите“ – вели Дуранд
Краевите од цевчињата се затвораат за да се спречи излевање на клетките надвор, а потоа тие се потопуваат во садови кои содржат прецизна комбинација од хранливи материи, витамини, хормони и фактори за раст кои дифундираат до клетките и ги поттикнуваат да созреваат. Процесот трае 72 часа, а после тоа цилиндрите се отстранети, хитозанот е растворен и од тубулите се екстрахираат целосно созреани сперматозоиди- објаснува Дуранд. Тој вели дека процесот функционира бидејќи тубулите им овозможуваат на сперматогониите да бидат постојано во контакт со еден друг вид на клетки што се наоѓаат во тестисите – наречени Сертолиеви клетки, кои ги хранат и ги поттикнуваат да созреваат.
И покрај тоа што ова истражување беше поздравено како голем чекор напред, сепак не успеа да ги убеди другите истражувачи. „Оваа студија е охрабрувачка, но изолираните клетки не се ни приближно слични на зрели и незрели сперматозоиди, нити кај стаорците, нити човечките“- вели Јаков Хана од Научниот институт Вајцман во Реховот, Израел, кој е дел од друг тим кој се обидува да создаде човечка сперма во лабораториски услови. „Иако сметам дека истражувањето е важно, тврдењето дека е направена комлетна сперматогенеза надвор од тело воопшто не е докажано во оваа студија“- додава Хана.
Доволен доказ?
Хана вели дека студијата се потпира на споредбата на физичките карактеристики на лаборториската сперма со природната здрава сперма и на потврдената активност на одредени гени поврзани со различни стадиуми од созревањето на спермата.
Но, овие споредби не се доволни за да се докаже дека клетките создадени во лабораторија се целосно развиени, здрави сперматозоиди, истакнува Хана. Тој смета дека требао да се направи споредба на ДНК и други маркери. За да биде тврдењето неоспорно, тимот ќе треба да докаже дека сперматозоидите се способни да оплодат јајце клетка, а таков обид би можело да се направи со вештачката сперма од стаорци.
Дуранд вели дека токму такви тестирања се во тек. Тој исто така истакнува дека споредбите на физичките карактеристики на лабораториската и нормалната сперма се адекватен доказ.
Дали спермата е „вистинска“ или не, компанијата Калистем е веќе во преговори за прелиминарни клинички тестирања со „ANSM“ , тело кое ги одобрува лекарствата во Франција. Ако се оди како што треба и ако се соберат доволно пари, тестирањата би можеле да започнат во рок од една година, вели Дуранд.
Извор: „New Scientist“.