Човекот има сопствена форма на биолуминисценција

Кога се зборува за биолуминисценцијата, најчесто се мисли на суштествата што живеат во длабоките мориња, но според едно истражување од 2009 година направено од Јапонците, постои и човечка биолуминисценција со вистинска светлина – само што е многу слаба за да може нашето око да ја забележи.

„Човечкото тело буквално светка. Интензитетот на светлина што го зрачи телото е 1.000 пати послаба од она што може да се забележи со голо око“- се вели во истражувањето од Институтот за технологија Тохоку, што беше објавено во „PLOS One“.

До ова необично откритие истражувачите дошле со помош на супер сензитивни камери, со  кои мониторирале пет здрави мажи – волонтери, 20 минути, на секои три часа, во затемнета просторија, цели три дена.

Забележале дека учесниците „светат“ преку цел ден, а најсветли точки се забележани околу челото, вратот и образите во доцните попладневни часови. Најмала биолуминисценција е забележана доцна во ноќта.

Ова воопшто не е инфрацрвена светлина што ја предизвикува топлината, иако така изгледа на сликите. Овие сигнали доаѓаат од фотоните (свелосните честички), а не од топлината.

photonbody1

Овде всушност се работи за прилично интересен пропратен ефект од нашиот метаболизам.

Како што објаснува „The Guardian“, човечката биолуминисценција „е резултат на интеракцијата на високо реактивните слободни радикали што се создаваат преку клеточната респирација, со слободно движечките масти и белковини“.

Овие молекули потоа стапуваат во интеракција со соединенијата наречени флуорофори кои можат да емитираат фотони – па оттука и светлината.

Според мислењето на истражувачите, најмногу светлина се забележува на главата бидејќи овој дел од телото генерално е повеќе изложен на сончева светлина, што влијае на меланинот во кожата и поттикнува подобра реакција отколку во останатите делови.

Истражувачите укажуваат дека сјајот би можел да биде поврзан со биолошкиот часовник на телото. Па затоа, доцна попладне кога согоруваме најмногу енергија, светлината е најсилна.

Бидејќи оваа слаба светлина е поврзана со метаболизмот, истражувачите се надеваат дека во иднина би можело преку скенирање на нивото на светлината во телото да се одредуваат некои здравствени состојби кои се поврзани со промените во метаболизмот.

„Ако можете да ја видите светлината од површината на кожата, тогаш може да ја видите состојбата на целото тело“- вели Масаки Кобајаши, член на тимот за „Live Science“.

Поддржете ја нашата работа: