Има ли нешто што ласерот не може да го направи?
Од брусење на дијаманти, промена на бојата на очите, па до застрашувачки оружја, се чини дека нема крај на листата на можна примена на ласерот.
Швајцарскиот физичар Жан-Пјер Волф, работи на уште еден импресивен додаток на таа листа – тој користи фокусирни ласерски зраци за да влијае на времето.
Иако звучи како црна магија, тоа всушност претставува почиста верзија на техниката „сеење на облаци“, што е една од формите за модификацијата на временските услови што се користи неколку години – најмногу позната по подготовките за Олимписките игри 2008 во Кина, кога Кинезите ја искористиле за да спречат дожд на денот на свеченото отворање на игрите.
Сепак, тешко е да се каже колку всушност оваа техника е ефикасна, а притоа се прскаат и хемикалии во атмосферата, кои со сигурност не ни се потребни.
Затоа, ласерот претставува потполно чиста верзија на оваа техника – тоа е светлина и ништо повеќе од тоа.
Како ласерот влијае на времето? Исто како и техниката „сеење на облаци“, тој создава облаци на места каде што ги нема, преку индуцирање на кондензација: природно создадената водена пареа се кондензира во водени капки и ледени кристални формации, имитирајќи ги природните процеси што го создаваат облакот. На тој начин, врнежите од дожд може да поттикнат „празнење“ на атмосферата и да се создаде потенцијал за суво време подоцна.
„Ние тоа го направивме во лабораториски услови – создадовме облак, но не на макроскопко ниво, затоа не може да видите како излегува голем облак, бидејќи ласерот не е доволно моќен, а и поради некои технички параметри кои се’ уште не сме во состојба да ги контролираме “- изјави професорот Волф за „CNN“.
Но, тоа не значи дека ласерот што го тестирале не е моќен – со моќност од еден терават, ја има истата енергијата што ја продуцираат сите нуклеарни централи на Земјата. Но, се разбира, тоа не трае долго.
Технологијата е се’ уште во зачеток, но кога ќе се усоврши, може да послужи за модификација на времето во подрачја каде има големи контрасти, како на пример во Калифорнија или Чиле, каде поплавите и сушите се појавуваат во екстремни размери. Со помош на ласерите, овие состојби ќе можат да се ублажат за да има повеќе дождови во сушните предели и помалку дожд во подрачјата склони кон поплави.
Ласерите можат да направат и нешто повеќе од облаци – можат да поттикнат молњи. Со контролата на електричните празнења или со преусмерување во посакуваниот правец ќе можат да се спасат илјадници луѓе од удар од гром и да се намалат трошоците за поправање на штетите.
Ваквата контрола на временските услови може да се претвори и во една од главните начини за намалување на ефектите од климатските промени. Професорот Волф смета дека ласерите може да се искористат и за да се „поправи“ времето, со намалување на ураганите, бурите, поплавите и сушите.
Но неговата ласерска технологија може да има уште поголем потенцијал. Може да се користи и за медицински цели – со промена на бојата на ласерот може да се откриваат и селективно да се убиваат клетките од ракот, без или со минимални дополнителни оштетувања – уште една примена што може да се додаде на листата за можна употреба на ласерот. Тамам ќе помислите дека е тоа се што ласерот може да направи, се појавува нешто ново – едноставно неверојатно!