Човекот уништил 10% од природната дивина за само 25 години

Според еден неодамнешен извештај, за период од две децени изгубени се една десетина од природните диви предели во светот, најмногу како последица на рударството, нелегална сеча и експлоатацијата на нафта и гас.

Тоа значи дека од 1993 година, уништени се растенијата и животинските видови што зависат од нив на површина што е два пати поголема од Алјаска и природните диви предели сега зафаќаат само 23 проценти од вкупната копнена маса на Земјата.

Истражувачите откриваат дека од опаѓањето на дивите предели – кои се дефинираат како биолошки и еколошки недопрени предели кои се претежно ослободени од човечки нарушувања, најтешко се погодени Амазонија и Центарална Африка.

„Во овие области не се исклучени луѓето, всушност многу од нив се од клучна важност за некои заедници, како што се домородците“ – прецизираат истражувачите.

Од 3,3 милиони квадратни километри диви предели, кои се изгубени од 1993 година,  речиси една третина отпаѓа на Амазонија, а дополнителни 14 проценти се изгубени во Централна Африка. Истражувачите заклучуваат дека се останати 30,1 милиони квадратни километри дивина, што е помалку од една четвртина од вкупната копнена маса на планетата.

Она што е можеби најзагрижувачко е фактот што дивите предели се уништуваат многу побрзо отколку што ние создаваме заштитени подрачја. За истиот период кога се изгубени овие 3,3 милиони км2 дивина, новите резервати изнесуваат 2,5 милиони км2.

Со зелена боја на картата се означени преостанатите диви предели, додека со црвена загубите што се направени во текот на овие две децении. Сивата боја ги означува заштитените области, како што се националните паркови.

wilderness

Истражувачите откриваат дека најголем дел од преостанатите диви предели на Земјата се наоѓаат во северна Америка, јужна Азија, јужна Африка и на Австралискиот континент, а она што е охрабрувачко, велат тие, е фактот дека најголемиот дел од дивината – 82,3 отсто, односно 25.2 милиони км2, се состои од  пространи недопрени области, со големина од најмалку10.000 квадратни километри.

Доколку преостанатите диви предели се рапарчат во помали области, состојбата ќе стане многу полоша од сегашната, бидејќи помалите области не само што потешко се одржуваат, туку во предели под 10.000 км2, речиси е невозможно прецизно да се одреди присуството на еколошките заедници.

Истражувачите наведуваат два примера за заштита кои во иднина би можеле да направат вистинска разлика. Тие ја споменуваат програмата „ARPA“ (Brazil’s Amazon Region Protected Areas), која има за цел да воспостави нови заштитени подрачја и одржлив начин на управување со природните ресурси, која се очекува да се пренесе и на Перу и Колумбија.

Како една од најдобрите програми за заштита на дивите предели во светот се наведува „Работниот план за заштита на канадската Северна шума“, со задача да се заштити најмалку 50 проценти од Северната шума, како мрежа од меѓусебно поврзани заштитени подрачја и одржливи заедници.

Сепак, вакви позитивни мерки има малку и на голема оддалеченост, па истражувачите заклучуваат дека доколку сегашниот тренд продолжи, за помалку од еден век нема да има глобално значајни диви области.

„Дивите подрачја не можат да се обноват. Кога еднаш ќе исчезнат еколошките процеси што ги поддржуваат овие екосистеми, тие се исчезнати засекогаш и никогаш не можат да се вратат во претходната состојба. Ако не делуваме брзо, сите ќе исчезнат, а тоа е катастрофа за заштитата, климатските промени и за некои од најранливите човечки заедници на планетава“ – вели Џејмс Вотсон, еден од истражувачите од Универзитетот во Квинсленд, Австралија и од Здружението за заштита на дивината од Њујорк.

Извештајот е објавен во „Current Biology“.

Поддржете ја нашата работа: