Повеќето експерти веруваат дека човечките предци, еволутивно се издвоиле од мајмун пред седум милиони години и настанале во Централна Африка, каде хоминидите потоа живееле наредните пет милиони години пред новата фаза на еволуцијата.
Научниците меѓутоа, пронашле два фосили од мајмунско суштество со човечки облик на заби во Бугарија и Грција кои се стари 7,2 милиони години. Откритието на ова суштество, наречено Graecopithecus freybergi, докажува дека нашите предци почнале да се развиваат во Европа 200 000 години пред африканските хоминиди.
Меѓународен тим на научници тврди дека тоа откритие во целост ја менува човечката историја и последниот заеднички роднина на шимпанзото и човекот, таканаречена еволутивна алка која недостасува, лежи на Балканот.
Шимпанзото е најблизок роднина на човекот, бидејќи заедно делат 95 отсто од гените. Еволуцијата на последните заеднички роднини е најважната дебата во палеоантропологијата.
Во времето пред повеќе од седум милиони години, климатските промени ја претвориле Европа во отворена савана која ги принудила мајмуните да пронајдат нов вид на храна и тоа резултирало со преоѓање на од на две нозе, пишуваат научниците.
“Оваа студија ги менува идеите поврзани со местата на кои човештвото ги направило првите чекори. Graecopithecus не е мајмун. Тој е хоминид кој е директен предок на човекот. Неговата исхрана е поврзана со релативно сувата и цврста вегетација на саваната и затоа како и луѓето тој има широки катници”, вели Николај Спасов од Бугарската академија на науките.
Научниците анализирале два познати примероци на Graecopithecus, долната вилица пронајдена во Грција и горните катници од Бугарија. Со користење на компјутерска томографија, успеале да ја визуелизираат внатрешната структура на фосилите и установиле дека двата примероци се взаемно поврзани.
“Големите мајмуни обично имаат две или три одделни корени, а корените од Graecopithecus се делимично поврзани, а тоа е карактеристика на модерниот човек, раните луѓе и некои видови на пра-човек”, вели лидерот на студијата Проф. Меделин Боеме од Универзитетот во Тибинген.