Чувството на значајност го продолжува животот

Неодамнешно истражување предводено од Лондонскиот Универзитет на примерок од 9.050 луѓе со просечна возраст од 65 години, открило дека луѓето со најголема добросостојба имаат 30% помалку шанси да умрат во следните 8 и пол години (просечно), во однос на оние со помало ниво на добросостојба.

Истражувањето, објавено во „The Lancet“, како дел од посебна серија на стареење, било спроведено од страна на истражувачите од  Лондонскиот Универзитет, Универзитетот Принстон и Универзитетот Стони Брук. Тие користеле прашалник за да измерат еден вид на добросостојба што се нарекува „еудемоничка добросостојба“, и се однесува на вашето чувство на контрола, чувството дека она што го правите е исплатливо и вашето чувство на цел во животот. Испитаниците биле поделени во четири категории врз основа на нивните одговори, рангирани од највисоко до најниско ниво на добросостојба.

Резултатите биле прилагодени на возраста, полот, социо-економскиот статус, физичкото здравје, а биле вклучени и депресијата, пушењето, физичката активност и внесувањето алкохол, со цел да се отфрлат многу фактори кои би можеле да влијаат врз здравјето и добросостојбата. На пример, терминалните болести кои ја намалуваат добросостојбата и животниот век.

Во текот на следните осум и пол години, 9% од луѓето во највисоката категорија починале, во споредба со 29% од најниската категорија.

Претходните наоди покажуваат дека среќата е поврзана со помал ризик од смрт. Чувствата на значајност и цел кои постарите луѓе ги имаат во нивните животи се исто така поврзани со опстанокот. Не можеме да бидеме сигурни дека поголемата добросостојба нужно предизвикува помал ризик од смрт, но наодите ја поддржуваат интригантната можност дека зголемувањето на добросостојбата, го подобрува физичкото здравје. Постојат неколку биолошки механизми во прилог на оваа поврзаност, на пример хормоналните промени или намалениот крвен притисок.

Како дел од  истражувањето, исто така, биле собрани податоци за „евалуативна добросостојба”, мерка на задоволство од животот и „хедонистичка добросостојба“, поврзана со чувството на среќа, тага, лутина, стрес и болка.

Меѓународните податоци од Галуп, потврдија дека кај високо развиените земји од англиско говорно подрачје, задоволството од животот опаѓа кон средината на животот и се зголемува во постара возраст, но оваа шема варира низ светот.

Во поранешниот Советски Сојуз и Источна Европа, постарите жители имале ниско ниво на задоволство од животот во споредба со помладите жители во тие региони. Истата шема се гледа во Латинска Америка и Карибските земји, иако задоволството од животот не е толку мало како во земјите од Источна Европа. Во Африка, задоволството од животот е многу ниско кај сите возрасти.

Економската теорија на добросостојба ја објаснува кривата со тоа што во средината на животот луѓето најчесто се на врвот на кариерата и заработуваат најмногу, дури и на сметка на моменталната добросостојба. Целта е да се зголеми богатството и добросостојбата подоцна во животот.

Поддржете ја нашата работа: