Можеме ли да живееме 500 години?
Блекмур вели дека не можеме и неговите тврдења се во спротивност со оние кои претходно беа направени од страна на истражувачите од Институтот Бак, во Калифорнија претходно оваа година. Имено, д-р Панкај Пакаи верува дека научните откритија имаат потенцијал драматично да го продолжат човечкиот живот за 4 до 5 пати. Ова би можело да доведе до луѓе кои живеат 500 години, на пример.
Тој, со комбинирање на два генетски патишта, успешно го зголемил животниот век на црвот „Caenorhabditis elegans“. Истражувањето, објавено во списанието „Cell reports“, вклучува блокирање на клучните молекули кои влијаат на дејството на инсулинот и патиштата за сигнализација на храната, наречени „Цел на рапамицин“ (TOR).
Мутациите во „TOR“ го продолжиле животниот век на „C. elegans“ за 30%, додека мутациите во сигнализацијата на инсулинот го дуплирале. Ефектите од нивната комбинација биле драстично поголеми.
Иако можеби би биле потребни уште многу години и уште многу истражувања за да се продолжи човечкиот живот на ист начин, ова истражување ја зголемува можноста за третмани против стареење засновани на генетски интеракции.
Се очекува идните истражувања најпрво да вклучуваат глувци за да се увиди дали истите ефекти се појавуваат и кај цицачите.
Геронтолозите се согласија дека лековите имаат ограничен ефект на продолжувањето на човечкиот живот. Всушност, главната цел повеќе е подобрување на квалитетот на животот, отколку негово зголемување. Групата, исто така изјави дека тоа е клучот за подобрување на очекуваното траење на животот во посиромашните региони, или во областите каде што луѓето обично умираат многу помлади.
„Global AgeWatch Index 2014“ неодамна изјави дека до 2050 година, бројот на лица постари од 60 години ќе сочинува 21% од светската популација. Ова е речиси двојно повеќе од сегашните 12%. Бројот на лица постари од 80 години расте најбрзо досега и до 2050 се очекува сегашните 2% да станат 4%.
Бројот на луѓе кои живеат до 100 години се зголемил за 71% во последните десет години. Сега постојат повеќе од половина милион луѓе на возраст од 90 години во Велика Британија, од кои 14.000 се на возраст над 100 години, во споредба со оние 2.500 во 1980 година.