Дали спијат и како спијат ајкулите, се’ уште во голема мера претставува мистерија, главно поради потешкотиите да се следат ајкулите 24 часа.
Сепак, научниците успеале да откријат одредени однесувања кај ајкулите. На пример, многу видови ајкули (но не сите) се способни за т.н. „јо-јо нуркање“, што во суштина претставува нивна верзија на спиењето.
Повеќето видови ајкули мора постојано да пливаат, за да можат да дишат. „Јо-јо нуркањето“ е еден од начините за ајкулите да се одмараат, а сепак да се во движење. Тоа се опишува како процес каде ајкулите одат кон површината на водата, влегуваат во фаза на одмор и потоа, полека, извесно време се спуштаат надолу. После тоа, се будат и продолжуваат нормално да пливаат и повторно одат кон површината. Ваквите „јо-јо нуркања“ најчесто се случуваат во ноќните часови.
На овој начин, ајкулите влегуваат во период на релаксација, кога ја чуваат енергијата, не јадат и немаат никаква друга активност. Тоа е и суштината и на сонот, да се зачува енергијата, за да се искористи кога ќе биде потребно.
Повеќето видови морски ајкули, меѓу кои и сината ајкула, го прават ова. Меѓутоа, многу од помалите ајкули, не мораат константно да пливаат за да можат да дишат. Тие едноставно застануваат на дното, без да се движат.
Бидејќи ајкулите немаат очни капаци и нивните очи се постојано отворени, научниците претпоставуваат дека сликите што доаѓаат до нивните очи додека се одмараат, или ги игнорираат, или на некој начин се „префрлаат“ во позадината. Ајкулите веројатно не влегуваат во РЕМ –фазата на сонот (кога се сонува) и веројатно ќе биде потребно уште долго време, за да се утврди дали ајкулите сонуваат.