На прашањето дали децата денес се зависни од технологија, беше широко дискутирано на конференцијата спонзорирана од Center for Humane Technology и Common Sense Media.
Роберт Лустиг, професор по педијатрија од Универзитетот во Јужна Калифорнија и автор на книгата “The Hacking of the American Mind”, изјави дека неговиот одговор на ова прашање е да. “Тоа не е дрога, но како да е. Има слични ефекти”.
Лустиг студирал што се случува со мозокот на зависниците, било да станува збор за шеќер или хероин. Тој открил дека мозокот реагира на технологијата исто како што реагира на други супстанции кои предизвикуваат зависност. “Технологијата, како и сите други “награди”, може да доведе до испуштање на допамин во голема мера, пренаселување или убивање на неврони, предизвикувајќи зависност“, појаснува тој.
Прекумерната употреба на технологија е состојба која предизвикува стрес во мозокот, а тоа има два негативни ефекти. Премногу стрес го наведува мозокот да ослободува кортизол, кој потоа може да ги убие невроните во хипокампусот – центарот за меморија. Исто така, стресот може да го исклучи церебралниот префронтален кортекс (“извршен” дел од мозокот) кој инаку го ограничува допаминот и чувството на задоволство или награда. Кога мозокот ќе се навикне на тоа повисоко ниво на допамин, сака да продолжи да бара навика (супстанца која предизвикува зависност).
Адолесцентите се особено подложни на многу психијатриски нарушувања (шизофренија, зависност, депресија, анксиозност), делумно поради тоа што нивниот префронтален кортекс последен се развива. За Лустиг дефинитивно постои зависност од технологија.
Џени Радески, педијатар на развојното однесување, која е автор на упатствата за Американската академија за педијатрија, е посуптилна во своето мислење. “Од перспектива на рано детство, клинички или во истражувања не го користиме зборот зависност, бидејќи тоа е сепак рано детство. Ние користиме зборови како “функционално оштетување” бидејќи технологијата влијае само врз однесувањето на детето”.
Истражувањата покажуваат дека времето поминато пред екран може да влијае на главните фактори за здрав развој на детето: исхрана, спиење и моментите поминати помеѓу децата и родителите преку контакт со очите, разговор и насмевка кои помагаат да се постави основата на мозокот кај бебињата.
Дел од работата на д-р Радески се однесува на вештината на саморегулирање и способноста за извршна функција на малите деца, односно на прашањето дали децата можат да се фокусираат, приоретизираат и контролираат импулси. Овие вештини се предвидлив индикатор за многу здравствени, социјални, емоционални и когнитивни резултати.
Нејзината загриженост се темели на фактот што некои родители користат технологија за да ги заменат и намалат критичните семејни рутини и родителските практики. Еден пример би бил смирувањето на вознемиреното дете, дозволувајќи му да ја одигра саканата игра на телефон, наместо да зборува или да се гушка. Ова може да го влоши развојот на детската способност за регулирање на сопствените емоции. Другите учесници на конференцијата донесоа слични заклучоци.