Не е потребно да се споменува дека ураганите и торнадата се исклучитено моќни. Доказ за ова се многу страшни природни катастрофи во минатото кога под налетот на ураганите и торнадата биле уништени цели градови. Според истражувањата, просечното количество енергија што се создава од ураганите во еден момент е околу 200 пати поголемо од севкупното количество електрична енергија што се генерира во светот во дадениот момент. Очигледно се работи за огромна енергија, но што ако таа би можела на некој начин да се собере?
Дури и самата идеја да се собере и да се искористи енергијата од вакви опасни и непредвидливи бури е фасцинантна и застрашувачка во исто време. Концептот е интересен бидејќи овие бури поседуваат импресивна енергија која апсолутно би можела да се искористи во денешно време кога побарувачката на енергија секојдневно се зголемува. Во исто време е застрашувачка, бидејќи е многу тешко тоа да се постигне.
Според Крис Ландси, научник од Националниот центар за урагани на САД, начинот на кој се собира енергијата зависи од тоа кои средства се користат за тоа. Кога се работи за ураганите, тие ослободуваат најмногу енергија и топлина додека ја кондензираат водената пареа во водени капки. Со технологијата со која сега располагаме нема начин да се собере овој вид на енергија и топлина. Покрај тоа, ураганот троши најголем дел од својата енергија додека е во морето, со што собирањето на енергијата е уште потешко, гледано од логистичка перспектива. Кога ураганот ќе го погоди копното, веќе има изгубено поголем дел од енергијата, така што нема ни приближно енергија од таа што ја има кога е во морето.
Што се однесува до торнадата, научниците сметаат на поставување на ветерници на патот на торнадата за да ја соберат нивната енергија. И ова е полесно да се каже отколку да се изведе, бидејќи ако се постават ветерници, турбините треба да се доволно силни да ги издржат огромниот притисок и сила, како и да бидат лесно преносливи за да може безбедно да се стационирани на патот на торнадото. Оттука, за да може да се собере енергијата од торнадото, главниот предизвик е да се направи извонредно цврста и мобилна ветерница.
Денес не е возможно да се искористи енергијата од ураганите и торнадата, но во иднина не е исклучена можноста да се достигне потребната технологија со која ќе овозможи ваков подвиг.