Научниците од Институтот за науки Карнаги, при Универзитетот Стенфорд, објавија дека го откриле највисокото тропско дрво досега, кое достигнува висина од 94,1 метри. Дрвото се наоѓа на Борнео.
Покрај ова, научниците идентификувале уште 49 други дрвја чија висина надминува 90 метри.
Ова откритие доаѓа само неколку месеци откако еден друг тим од Универзитетот Кембриџ во Велика Британија го објави откритието на највисокото тропско дрво со висина од 89,5 метри во резерватот „Maliau Basin“ во државата Сабах на Борнео.
Но, истражувачите од Институтот Карнеги, со помош на ласерско скенирање откриле дека една друга област во Сабах – наречена „Danum Valley“ содржи дрвја со уште поголема висина.
Истражувачите ја идентификувале висината на дрвјата со помош на леталото наречено „Воздушна опсерваторија Карнеги“, која користи ласерски систем „LiDAR“ (Light Detection and Ranging) кој може да врши мерење и мапирање на пределите во три димензии.
„Оваа техника се заснова на 500.000 ласерски снимки во секунда, кои се прават од дното на авионот додека лета, со што се постигнува многу детален 3Д поглед од крошните на шумите до нивото на земјата“- вели екологистот Грегори Аснер од Институтот Карнеги, за „Mongabay“.
Со овие податоци, истражувачите повторно се вратиле во областа со хеликоптер за да можат да го издвојат највисокото дрво од останатата шума.
Бидејќи дрвото засега е набљудувано само од далечина, научниците сѐ уште не биле во можност да одредат на кој вид припаѓа, но веројатно се работи за родот Шореа, која опфаќа речиси 200 видови трпски дрвја кои се домородни во југоисточна Азија.
На Борнео се наоѓаат околу130 од овие видови – кои можат да живеат стотици години, но многу од нив се загрозени од експлоатација (сеча).
Колку и да изгледа фасцинантно, сепак ова дрво не е највисокото на светот. Највисокото дрво е секвојата (Sequoia sempervirens) со висина од 115,5 метри.
Покрај мерењето на физичката величина, целта на истражувањата на Борнео е да се открие повеќе за распространетоста и здравјето на овие шумски популации, за да се овозможи подобра заштита од разните закани како што е сечата.
Новата студија сѐ уште не е објавена во научно списание, бидејќи е потребно да се добие верификација од други научници кои досега немале можност да го испитаат истражувањето.
Наодите се презентирани на Меѓународната конференција „Heart of Borneo“-2016, минатата недела.