Дали е возможно да се направи вистински џедајски меч?

Со оглед на големиот успех и влијанието кое седмото продолжение на „Војна на Ѕвездите“ го има врз општеството, со сигурност повеќето од нас би посакале да имаат вистински џедајски меч. Предводени од истата желба, некои научници всушност почнаа да размислуваат за тоа дали е возможно и како би се направил еден таков меч.

Филмовите ни покажуваат дека ласерските мечеви се долги околу 1,2 метри, дека очигледно содржат огромно количество на енергија и брзо можат да го растопуваат железото, а сепак нивната рачка не е жешка и може да се држи со рака. Со оглед на името и изгледот, првата помисла е дека се направени од некој вид на ласер. Но, оваа хипотеза може лесно да се отфрли.

Како што објаснуваат физичарите од Универзитетот во Квинсленд, ласерите немаат фиксна должина. Светлината од ласерот не може едноставно да се прекине на крајот, без да има некој цврст предмет кој ќе ја прекине или огледало кое ќе ја рефлектира назад. Покрај тоа, ласерот што поминува низ воздухот во суштина е невидлив, па во никој случај не би можеле да се видат сечилата во различни бои како на филмот. А можеби најголемиот проблем е тоа што ласерските зраци едноставно ќе поминуваат еден низ друг, па борбата би била прилично досадна.

635850117101639596-XXX-PHANTOMMENACE-EP1-IA-12566-R-78032922

Физичарот Џејмс Бенет вели дека пореална технологија е плазмата. Но, тој смета дека се’ уште немаме доволно развиена технологија за да создадеме вистински џедајски меч во овој свет а еве и зошто:

Плазмата е четвртата состојба на материјата, покрај веќе познатите три форми – цврста, течна и гасовита. Се создава со отстранување на електроните од атомите на гасот – процес наречен јонизација. Ова предизвикува материјалот да свети. Примери на плазма може да забележите насекаде околу вас, како на пример флуоросцентните или неонските светла.

Плазмата обично е многу жешка – неколку илјади степени и исто така е и спроводник на електрична енергија, па би можела да пренесе големо количество на струја до одреден материјал, да го загрее и стопи. Но, тоа е малку проблематично поради потребата од проток на големи количества на енергија, а се чини дека ласерските мечеви ја немаат таа карактеристика.

Па, дали би можеле да се направат мечеви од плазма? Најверојатно не, бидејќи плазмата се однесува слично на врел гас кој се шири и се лади, па би требало да се одржува во форма на цевка. За среќа, постои механизам и за тоа – магнетни полиња со кои може да се манипулира со плазмата. Ова звучи ветувачки – силни магнетни полиња заедно со многу жешка и густа плазма како потенцијален метод за создавање на ваков меч. Но, тоа не го решава проблемот што две магнетски цевки плазма едноставно би поминувале една низ друга, исто како случајот со ласерите. За тоа, би била потребно цврста обвивка отпорна на високи температури, можеби на пример керамика. Но, и тоа не е решение бидејќи кога не се користи мечот, тој е само околу 20 до 25 см долг и се носи на појасот, а со керамиката тоа не би било возможно.

Покрај тоа, со оглед на топлината, која зрачи во форма на инфрацрвено зрачење, рацете веднаш би биле јагленисани, што значи дека би било потребно некое поле кое ќе го спречува зрачењето и топлината. А тоа за нас е непозната технологија. Па, да заклучиме, онаков меч каков што е прикажан во филмовите не е реален и не би можел да се изработи во блиска иднина.

Поддржете ја нашата работа: