Дали имате дебели деца?

Родителите на дебели деца често не се во можност да препознаат дека нивното дете е дебело освен ако не достигне екстремно ниво на дебелина, се вели во истражувањето од страна на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина и Институтот за детско здравје при Универзитетскиот колеџ од Лондон.

Истражувањето, објавено во Британскиот весник на општа пракса, открива дека родителите уште повеќе ја потценуваат тежината на детето ако тие се од Афро-Американско или Азиско потекло, од посиромашно семејство или ако нивното дете е машко.

„Идентификацијата на разликите помеѓу перцепциите на родителите и официјалните упатства во различните демографски карактеристики на населението, може да ни помогнат да процениме колку јавните здравствени интервенции ќе бидат ефективни за дебелината на децата кај различните групи на население“, истакнуваат истражувачите.

Дебелината кај децата е се почеста појава во последниве децении со што се зголемува ризикот за заболувања во зрелата возраст, како и ризикот за предвремена смрт. Новото истражување покажа дека родителите не можат да идентификуваат кога нивното дете е дебело, што ја доведува до прашање ефективноста на тековните јавни здравствени интервенции кои се однесуваат на дебелината во домовите.

Истражувачите решиле подлабоко да го истражуваат овој проблем и да ги идентификуваат социо-економските фактори кои влијаат на мислењето на родителите за тежината на своето дете. За таа цел, им биле поделени прашалници на родители на 2.976 деца во пет фондови за здравствена заштита кои учествуваат во Националната програма за мерење на децата. Тие откриле дека 31% од родителите (915) го потцениле индексот на телесна маса на своите деца во однос на официјалната класификација. Само 4 родители ги опишале своите деца како многу дебели (или гојазни), иако според класификацијата вкупно 369 спаѓале во таа категорија.

Ако родителите не можат прецизно да ја класифицираат тежината на своето дете, тогаш тие нема да можат да дејствуваат за да ја променат средината на детето и да промовираат одржување на здрава тежина, предупредуваат истражувачите.

Поддржете ја нашата работа: