Дали ја губиме војната со бактериите?

Развојот на бактериската отпорност кон антибиотиците е посебно загрижувачка, а се чини дека не го добива потребното ниво на внимание во медиумите. Сосема е возможно дека во иднина повеќе луѓе ќе починат како последица од болести предизвикани од бактерии што се резистентни на антибиотици, отколку како последица од глобалното затоплување, недостатокот на храна или од нарушувањето на еко-системот. Не може да се заобиколи фактот дека сме во војна со разни групи на бактерии кои се способни да предизвикаат инфекции кај човекот. Досега човекот победуваше, но бактериите почнаа да ги „прегрупираат своите редови“.

Антибиотиците или ги спречуваат бактериите да се размножуваат (значи имаат бактериостатско дејство) или ги убиваат бактериите (значи имаат бактерицидно дејство), со тоа што  уништуваат некои биолошки карактеристики што тие ги имаат, а се разликуваат од еукариотските клетки (видови клетки кои ги сочинуваат повеќеклеточните организми како човекот). Случајните мутации на бактериите можат да го сменат делот на кој антибиотиците делуваат и да ја направат бактеријата отпорна. Во текот само на една инфекција, бактериите можат да се размножуваат милиони пати , што овозможува многубројни мутации. На тој начин антибиотиците имаат само селективно дејство, што и овозможува на бактеријата да преживее и веројатно  да ја прилагоди  својата отпорност. Да бидат работите полоши, бактериите можат лесно да ги разменуваат генетските информации преку плазмидите (plasmids) и така еден отпорен вид да ја сподели својата отпорност со друг вид.

Ова е тешко да се избегне, меѓутоа состојбата се  влошува и поради прекумерната и несоодветна употреба на антибиотиците, како на пример кога наместо лек со строго ограничен спектар на делување, се користат антибиотици со широк спектар. Резистенцијата исто така се зголемува и кога пациентите предвреме престануваат да ги земаат антибиотиците, со што им овозможуваат на бактериите повторно да се „опорават“.

Најлошото можно сценарио е дека ќе влеземе во пост-антибиотска ера, каде човештвото ќе се соочи со огромен број потполно резистентни бактерии. Во моментов се движиме во тој правец, бидејќи бактериите побрзо развиваат резистенција, отколку што создаваме нови антибиотици. „FDA“ (американската Агенција за храна и лекови) нема одобрено нова класа на антибиотици веќе околу 30 години (антибиотици што ќе делуваат на нов таргет, освен верзии на веќе постоечките).

Сепак, на повидок се неколку потенцијални нови антибиотици. Едно ново истражување објавено во „Nature“ предизвика големо внимание поради новиот механизам на кој антибиотикот делува врз бактериите. Лекот кој се нарекува „teixobactin“ делува на тој начин што ја раскинува клеточната мембрана на некои бактерии. Тој е потенцијално ефикасен против грам-позитивните, но не делува на грам-негативните бактериски видови.

Два аспекти од ова истражување се особено значајни. Првиот е тоа што истражувачите развиле нов начин за анализа на можните состојки за антибиотиците. Многу антибиотици досега се откриени со култивирање на бактериите од почвата, во потрага по бактерии кои го инхибираат растот на инфективните бактерии (некои бактерии продуцираат состојки кои го спречуваат растот на други бактерии). Сепак, само 1% од бактериите од почвата може да се култивираат, а и тие се веќе одамна исцрпени.

Истражувачите развиле, како што тие го нарекуваат, „iChip“ кој е во можност да ги култивира останатите 99% од бактериите од почвата. Чипот содржи стотина комори во кои има почва, што им овозможува на бактериите да се развиваат во нивната природна средина. Коморите се прекриваат со гел во кој има или „Staphylococcus aureus“ или „Mycobacterium tuberculosis“ (две бактерии кои предизвикуваат инфекции кај човекот) .Ако во некоја комора бактериите не направат колонии, тоа значи дека бактеријата што расте во комората можеби продуцира антибиотик.

На овој начин истражувачите веќе анализирале преку 10 000 бактерии и откриле многу потенцијални антибиотици, вклучувајќи го и „teixobactin“, што значи дека оваа техника може да води до откривање на многу нови антибиотици.

Втората причина за оптимизам е тоа што досега, ниедна од тестираните бактерии не покажала резистенција на „teixobactin“. Ова не значи дека резистенцијата нема никогаш да се развие, но за среќа, тоа значи дека антибиотикот ќе биде ефикасен неколку децении.

Сепак, мора да е забележи дека ова се само пред клинички истражувања. Потребно е лекот прво да се тестира на животни, а потоа на луѓе. Многу ветувачки лекови „паднаа“ на клиничките тестирања, бидејќи се покажаа многу токсични. Компаниите за лекови можат да синтетизираат друга верзија од лекот за да ја намалат токсичноста, но тоа значи дополнителни години работа, без гаранција дека на крајот лекот ќе биде одобрен.

Постојат уште три антибиотици што се во подготовка, со нови механизми на дејство. Едниот од нив е „brilacidin“. Тој веќе се тестира на луѓе, но потребни се уште неколку години пред тој да биде конечно одобрен. Компанијата „Cellceutix“ тврди дека лекот има широко и брзо бактерицидно дејство и има мала можност бактериите да развијат резистентност на лекот.

Другите два нови лека кои се во рана фаза на клиничко тестирање се „avibactam“(на „Forest Laboratories“) и  „MK-7655“ (на „Merck“), што значи дека, ако се биде во ред, ќе бидат потребни уште 3 – 5 години до нивно конечно одобрување.

И како заклучок

Развојот на бактериската резистенција е огромен проблем со кој денес се соочува нашата цивилизација, а на кој не му  посветуваме доволно внимание. Со цел да се намали бактериската резистенција, потребно е да се продолжи со континуирана едукација на населението за соодветната употреба на антибиотиците, како и изнаоѓање на нови механизми за борба против бактериските инфекции. Можеби ќе биде потребно  некое време да ги тргнеме антибиотиците од полиците за да овозможиме резистенцијата да се намали.

Состојбата не е безнадежна. Можни се промени во технологиите во иднина, но ние не можеме да предвидуваме или да сметаме на тоа – потребни ни се нови, одржливи решенија – сега!

Поддржете ја нашата работа: