Дали ќе создадеме диносаурус?

Идејата дека птиците еволуирале од диносаурусите постои уште од 19-ти век, кога научниците го откриле фосилот на најстарата птица „Archaeopteryx“ која имала крилја и пердуви, но изгледала како диносаурус. Поновите фосили се слични. Но, овие рани птици не изгледале исто како сегашните, односно немале клунови, туку имале муцки како нивните предци-диносауруси.

За да разберат како едните еволуирале во другите, односно како еволуирал клунот, научниците од Универзитетот Јеил и Харвард си поигрувале со молекуларните процеси кои го сочинуваат клунот кај кокошките. Така, успеале да создадат ембрион со муцка како на диносаурус, слична на малите пердувести диносауруси како Велосирапторот.


„Целта не ни беше да создадеме дино-кокошка“, велат научниците. „Секогаш кога се испитува некоја важна еволутивна трансформација, целта е да се открие механизмот позади таа трансформација. Во овој случај тоа е развојот клунот кој како дел од скелетот на птиците е најразновиден – тргнете од фламингата па до пеликаните, а сепак многу малку истражувања има за тоа што тој навистина е“.

За целта на истражувањето, научниците барале промени во начинот на кој гените се изразени кај ембриони од кокошки, глувци, ему, алигатори, гуштери и желки. Откриле дека птиците имаат уникатна група на гени поврзани со развојот на лицето. Кога ја намалиле активноста на тие гени, структурата на клунот се вратила во првобитната состојба – како на диносаурусите. Исто и палаталната коска во горниот дел од устата. За да го направат ова, научниците ги изолирале протеините кои би ги развиле клуновите и со помош на инхибирачка супстанција ја потиснале нивната активност. Така, кога почнал да се формира скелетот во внатрешноста на јајцето, коските биле заоблени.


Ова истражување покажува дека клуновите се развиваат различно од муцките, со помош на различен сет на гени. Тоа докажува дека клуновите се предмет на адаптација, а не само различна „форма на носот“. Научниците сметаат дека преминот од едните кон другите се случил 40-50 милиони години по „Archaeopteryx“.

Засега, научниците не планираат да го испилат пилето, но веруваат дека би било во состојба да преживее како такво. Иако не се работи за драстични модификации, треба внимателно да се размисли од етичка гледна точка.

Резултатите се објавени во списанието „Evolution“.

Поддржете ја нашата работа: