Дали може да ни побеле косата од стрес?

Популарната култура изобилува со приказни за тоа дека косата може да ни побеле од стрес. Побелувањето на косата на Марија Антоанета ноќта пред нејзиното погубување, како и брзото побелување на косата на Обама се само некои од нив.

Но, дали навистина постои некој механизам во телото кој го претвора стресот во бели прамени?

Научниците го истражувале ова, но и покрај неколку ветувачки резултати, се’ уште не пронашле сигурна поврзаност. Всушност, тие не се сосема сигурни што предизвикува косата да побеле при процесот на стареење. Знаеме дека има некаква поврзаност со пигментите кои и ја даваат бојата на нашата коса.

Бојата на косата доаѓа од два пигмента, наречени меланини. Еумеланин произведува потемни нијасни, од кафена до црна, а феомеланин посветли нијанси, од руси до црвеникави. Како што старееме, нешто се меша кај овие пигменти. Но, што?

Научниците имаат две хипотези: Првата е дека стареењето ја „оштетува“ нашата ДНК при што се инхибира производството на меланоцитите – клетките кои произведуваат меланин. Направени се повеќе истражувања кај глувци, но досега нема целосно објаснување за тоа како функционира ова.

Втората хипотеза вели дека косата се избелува одвнатре со помош на водород пероксид. Нашите фоликули го произведуваат во мали количини, но обично е под контрола на ензимот наречен каталаза. Едно истражување од 2009 година покажува дека како што старееме, производството на каталаза се намалува со што се ослободува водородниот пероксид и ја побелува косата. Ова е интересна хипотеза, но се’ уште нема доволно докази за да се поддржи.

Научниците не знаат како стресот би можел да активира некој од овие процеси. Најновиот одговор на ова прашање вели дека кога сме под стрес, нашето тело го активира симпатичкиот нервен систем, при што срцето ни чука побрзо, телото се напнува и сетилата се заоструваат. Оваа состојба е прилично лоша за телото. Едно истражување од 2011 година покажа дека негативните последици од постојаниот стрес достигнуваат до нашата ДНК, при што влијаат на гените кои го контролираат пигментот на косата. Но и ова не е целосно потврдено. Потребни се дополнителни истражувања, но никој не сака намерно да се изложува на стрес.

Иако не постои убедлива поврзаност, избегнувајте ги стресните ситуации. Истражувањето од 2011 година, исто така покажало дека стресот е поврзан со спонтани абортуси, предвремено стареење и разни видови на рак.

Поддржете ја нашата работа: