Според едно ново епидемиолошко истражување кое ја анализирало поврзаноста на потрошувачката на путер со хроничните заболувања и сите причини за смртност, конзумирањето на путер е речиси незначително поврзано со кардиваскуларните заболувања, дијабетесот и вкупната смртност на лицата кои секојдневно конзумираат путер.
Истражувањето е направено врз основа на систематски преглед и испитување на повеќе онлајн академски и медицински бази на податоци, при што биле идентификувани 28.271 смртни случаи, 9.783 случаи на кардиваскуларни заболувања и 23.954 случаи на дијабетес тип 2. Истражувачите потоа ги комбинирале овие податоци во мета анализа на релативниот ризик, при што потрошувачката на путер била стандардизирана на 14 грама на ден, или околу една лажица. Истражувачите откриле многу мала или незначителна поврзаност на дневната потрошувачка на путер со вкупната смртност, кардиоваскуларните заболувања или дијабетесот.
„Иако луѓето кои јадат повеќе путер обично имаат полоша исхрана и полош начин на живот, во целост резултатите се чинат неутрални“, велат истражувачите.
Ова сугерира дека путерот можеби е храна која се наоѓа на средината – односно ниту здрава, ниту штетна. Така путерот е поздрав избор од шеќерот или скробот, како на пример белиот леб или компирот на кои најчесто го нанесуваме путерот и се поврзани со повисок ризик за дијабетес и кардиоваскуларни заболувања, а е полош избор од многу маргарини и масла за готвење, од кои оние кои се богати со здрави масти како соја, ленено семе и 100% чисто маслиново масло го намалуваат ризикот од тие заболувања, во споредба со путерот или рафинираните зрна, скробот или шеќерот.
Значи, генерално, путерот не треба да се демонизира, ниту пак да се смета како пат кон доброто здравје, заклучуваат истражувачите.
Истражувањето е објавено во „ PLOS ONE“.